Промоцијата на книгата „Ноќни луѓе“, избор песни од Иван Херцег (Хрватска) во препев на Владимир Мартиновски, ќе се одржи в четврток, 27 октомври, од 20 часот во бифето на Младинскиот културен центар ‒ Скопје.

Збирката е издание на „ПНВ Публикации“ и поместена е во едицијата „Гравири“.

Творештвото на Иван Херцег ќе го претстави Владимир Мартиновски, а разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска.

Настанот е дел од нововостановената меѓународна соработка на „ПНВ Публикации“ и „Скопскиот поетски фестивал“ со „Хрватско друштво писаца“ (HDP) и фестивалот „Стих у регији“ (SUR) од Загреб.

„Поетскиот избор „Ноќни луѓе“, во кој се поместени шеесе­тина песни од неговите седум поетски книги на македонските читатели им овозможува да го откриваат рас­кошниот поетски свет на Иван Херцег, во кој преку јазикот на поетските слики едновремено се соочуваме со бескрајните (и прилично мрачни и загадочни) пространства на вселената, но и со неодгатливото во секој од нас – вели Владимир Мартиновски.

Иван Херцег е поет, раскажувач и уредник. Роден е 1970 година во Крапина, Р. Хрватска. Дипломирал хрватски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Извршен уредник е на списанието „Поезија“, уредник е на Библиотеката „Поезија“ на ХДП и организатор на книжевниот фестивал „Стихот во регионот“ (СУР). Живее и работи во Загреб.

Автор е на поетските книги: „Нашите други имиња“ (1994), „Ноќ на асфалтот“ (1996), „Снимки на земните воздишки“ (1997), „Ангели во жалост“ (2004), „Неправилности“ (2007), „Кога ќе дојде Вавилон“ (2013), а во печат му е и стихозбирката „Нулти живот“ (2021). Поезијата му е преведена на десетина јазици. Иван Херцег е автор и на збирката кратки раскази „Голи“ (2011).
Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои: „Горан за млади поети“ (1994), „Здравко Пуцак“ (1996), „Рикард Јоргованиќ“ (2014).

Член е на Хрватското друштво на писателите (ХДП) и на Хрватскозагорското книжевно друштво. Учествувал на голем број реномирани книжевни фестивали во: Њујорк, Пекинг, Ротердам, Сет, Лондон, Варшава, Букурешт, Куртеа де Арџеш, Љубљана. Песните му се застапени во прегледи, во панорами и во антологии на современата хрватска поезија.