Промоција на стихозбирката „Куфер“ од Ерол Туфан ќе се одржи вечерва, во 20 часот, на платото пред МКЦ-Скопје. Промотори се Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а модератор Јулијана Величковска.
Стихозбирката „Куфер“ од Ерол Туфан содржи триесетина песни, а збогатена е и со илустрации од Владимир Мартиновски. Во книгата се објавени и два пригодни поговора од Лидија Капушевска-Дракулевска и од Силвана Димитриевска.
– Една од најважните карактеристики на творечкиот метод на Туфан во книгата „Куфер“ е способноста да го совлада поетскиот простор. Познато е дека, според мистичните својства на јазикот, секоја песна што сè уште не е напишана веќе има одредено поетско време. Читајќи ги стиховите „Вчера го ставив сонцето в куфер, / стокмено, стегнато, да не се угаси по пат“, имаш чувство дека целото негово животно и творечко искуство е концентрирано во уметноста со желба на читателот, без никакви двосмислености, да му го пренесе најважното со најсилен емотивен интензитет. Гласот на силна чувствителност се провлекува низ целата книга; таа е исполнета со силни и впечатливи слики, кои вешто се прелеваат во смирена лирска рефлексивност настаната во највисокиот стадиум на уметничката зрелост на Ерол Туфан – вели Славе Ѓорѓо Димоски.
Книгата е збогатена со оригинални илустрации на поетот и есеист Владимир Мартиновски.
– „Куфер“ на Ерол Туфан е едно заокружено поетско патување, во кое се испреплетуваат слики од минатото, размисли, идеи за светот во и околу нас, за нашата (не)припадност во тој свет и нашата подготвеност да отпатуваме во исто време и таму некаде далеку и најблиску до себе. Во поетиката, буквалниот куфер е метафора за постојаното патување, трагање по новото и непознатото, непомирување со секоја вкоренетост, закотвеност во едно место, но во една подлабока филозофска смисла, куферот е нашето најдлабоко јас, нашето себство – вели Силвана Димитриевска.
Ерол Туфан е поет, есеист, преведувач.