По повод Денот на независноста во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија се одржа промоцијата на книгите „Цариградски емигрант“ и „Граница“ од Луан Старова. На промоцијата присуствуваа издавачот Пламен Тотев, преведувачот Маријан Петров и семејството на писателот. Двете книги, во превод на бугарски јазик, излегоа од печат оваа година како изданија на издавачките куќи „Персеј“ и „Изида“.
Преку личниот расказ за едно семејство, големиот македонски писател со албанско потекло Луан Старова (1941 – 2022) во својот роман „Цариградски емигрант“ ја раскажува приказната за Балканот, регион каде што интересите на големите империи и цивилизации се судираат едни со други на грбот на народи со различни судбини. Така, книгата на уникатен начин ја прикажува универзалната тема за емиграцијата со расказ за едно од многуте семејства што го доживеале тоа. „Цариградски емигрант“ е еден од последните романи во издание на Персеј, во превод на Маријан Петров.
Припаѓа кон неговата повеќетомна „Балканска сага“, дел од книгите во кои се познати и бугарските читатели: („Балканвавилонци“, „Балкански клуч“, „Ервехе“, „Амбасади“). Книгите од оваа сага се преведени на повеќе од дваесет јазици.
„Граница“ (во издание на „Изида“, во превод на Маријан Петров) е интимен поглед кон балканската трагедија да преминуваш граници, да бегаш од својот дом и да се обидуваш да пуштиш корени во туѓа земја… Границата е релативно нова идеја на Балканот, кој претходно бил обединет под власта на Отоманската Империја во долг период од пет века. Оваа книга е за балканските граници, за нивното заплеткување во судбините на луѓето.