Во Домот на културата во Македонски Брод денес во 17 часот ќе биде промовиран публицистичкиот труд на младиот литерат од овој град Бојан Бежоски, со работен наслов „Културата и традицијата на Поречката заедница“.
– Во Домот на културата во Македонски Брод, денеска ќе биде промовирано моето прво публицистичко дело „Културата и традицијата на Поречката заедница“. За да го создадам овој труд ме инспирира јубилејот 90 години од истражувачката работа на полскиот етнолог и научник Јожеф Обремски, кој во периодот 1932-1933 година подолг период престојувал во Порече, село Волче, каде ги проучувал традициите, културата и се она што било поврзано со овој крај – истакна авторот Бежоски и нагласи дека за да биде создадено ова дело тој извршил седуммесечно теренско истражување во дел од селата од Поречијата и тоа, во Долно Зркле, Сушица, Лупште, Битово, Косово, Брест и Волче.
– Низ директни разговори со месните жители кои успеале да ги зачуваат народните приказни, народните песни, верувања, обичаи, магиски ритуали, народните болести и лекувањата со народната медицина од Порече, односно т.н. баење, добив целосна претстава за Порече од тоа време – додаде авторот.
Рецензент на оваа книга е познатиот писател од овој регион Саво Костадиноски,предговорот е на Ана Дојчиноски, дизајнот е на Владимир Дојчиноски, лектор е Андријана Видеска, а ја издаде „Дата песнопој“ од Битола.
Во чест на полскиот етнолог и истражувач во село Самоков поставена е спомен биста на Јожеф Обремски. З.А.