Фото: Лоран Бајрами

Центарот за истражување на предисторијата повторно реагира

Центарот за истражување на предисторијата информира дека археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно и понатаму се оштетува поради експлоатација на јаглен.
– За жал, и покрај укажувањата на Управата за заштита на културното наследство и Заводот и музеј – Битола да се запре оштетувањето на локалитетот до неговото истражување, противзаконски се продолжи со копањето за јаглен во рамките на оваа значајна неолитска населба. Како резултат на овој крајно неетички чин, целосно е уништена источната периферија на локалитетот, со што е оневозможено негово истражување и трајно се изгубени битни информации поврзани со животот во неолитот – велат од Центарот за истражување на предисторијата.
При девастирачките работи со багери се оштетени неколку рова и повеќе неолитски куќи, а исфрлени се и илјадници остатоци од керамички садови, фигурини, алатки и др. Благодарение на резултатите добиени од геомагнетното скенирање може да се увиди кои делови од локалитетот се уништени и оштетени, што претставува несовесно и намерно отстранување евидентни археолошки содржини. Направениот укоп за јаглен во источниот дел на локалитетот ќе предизвика натамошен одрон на археолошките слоеви што се наоѓаат до него, како и континуирано оштетување на локалитетот.
– Ваквото неодговорно уништување на археолошки локалитети е недозволиво, особено што Македонија е потписничка на Фаро-конвенцијата иницирана од Советот на Европа, при што државите се заложуваат да го заштитат културното наследство. Оштетувањето на локалитетот Влахо веќе предизвикува остри реакции од страна на меѓународните институции и експерти, кои го осудуваат овој вандалски чин. Тоа наедно дава и лоша слика за земјава, во која не се почитуваат законите за заштита на културното наследство – велат експертите од Центарот.
Поради своето големо значење и ексклузивност, најновите сознанија за локалитетот Влахо неодамна беа публикувани во угледното научно списание „Антиквити“, кое го издава Универзитетот во Кембриџ. На тој начин, на врвно светско ниво се афирмираа извонредните обележја на оваа неолитска населба, односно нејзиното основање околу 6.400 години пр. н.е. и присуството на десетина рова, што го прави овој локалитет еден од најстарите во неолитот во Европа и мошне редок поради својата просторна организација. Од тие причини, неопходно е Влахо кај Живојно да се заштити и да се прекине неговото целосно уништување во иднина, а наедно и да се овозможи негово темелно истражување поради значењето што го има .С.Ј.