• Филмот е единствениот неамерикански и неполитички во трката и сепак рамноправно им парира на сите, сподели Котевска

Документарниот филм „Приказната за Силјан“ во режија на Тамара Котевска бележи исклучителен меѓународен успех со освојување две значајни номинации на престижните „Награди филмско око“ („Cinema Eye Honors“), едни од најреномираните глобални признанија за документарна продукција.

Филмот ја освои номинацијата за награда по избор на публиката, признание со особена тежина во документарниот свет. Од „Наградите филмско око“ истакнуваат дека наградата по избор на публиката често е клучен претходник на идните документарни награди, вклучително и на „Оскарот“ за најдобар документарен филм, нагласувајќи дека ова признание е важен индикатор за потенцијалниот успех на филмот во претстојната наградна сезона.

Покрај ова, „Приказната за Силјан“ ја доби и номинацијата за извонредно достигнување во кинематографијата, со која се одликува кинематограферот Жан Дакар за неговиот автентичен визуелен пристап и суптилната, но длабоко филмска естетика што го обележува филмот.

Со ова, „Приказната за Силјан“ го зацврстува својот статус како едно од најзначајните документарни остварувања на годината. Успесите доаѓаат во момент кога филмот влегува во најкритичната фаза од глобалниот награден циклус и дополнително го засилуваат неговиот профил на меѓународната сцена. Овие признанија се силен поттик и јасна потврда за уметничкото, продукциското и културното значење на македонскиот документарен филм во светски рамки.
– Овие две признанија уште еднаш покажуваат дека културата има моќ да нè обедини, дури и во период кога земјата беше целосно зафатена со политички изборни кампањи. Иако „Приказната за Силјан“ влезе многу подоцна во кампањата за „Оскари“, македонската публика масовно застана зад него и ги престигнавме филмовите и продукциите со огромна меѓународна поддршка. Ова ми потврди дека, и покрај сите разочарувања што сум ги доживеала во домашниот филмски контекст, народот знае да ја препознае и да ја поддржи вистинската вредност. Филмот е единствениот неамерикански и неполитички во трката и сепак рамноправно им парира на сите. Тоа е доказ дека од нашето поднебје доаѓа автентичен, слободен и исклучителен квалитет, поразличен од стандардизираните формати што доминираат во светските документарни продукции. Испраќам огромна благодарност до сите што гласаа. Кога публиката застанува зад културата, можеме да постигнеме повеќе од успех, можеме да направиме чудо – изјави Тамара Котевска.

„Нешнал џиографик“ официјално ја најави американската премиера на „Приказната за Силјан“, која ќе се одржи на 28 и 29 ноември во центарот ИФЦ во Њујорк, со што филмот влегува на големата американска филмска сцена.