СВЕТСКИ ДЕН НА АУДИОВИЗУЕЛНОТО НАСЛЕДСТВО

Денеска, во 12 часот, Кинотеката на Македонија ќе го одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот „Писмо“ на филмскиот и театарски режисер Васил Христов-Вуси. А до крајот на октомври, пак, во вечерните термини на филмската програма ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија што годинава одбележуваат своевиден јубилеј.
Среднометражниот игран филм „Писмо“ е реализиран во 2000 година во холандска продукција. Благодарение на Националниот филмски архив на Холандија, неодамна и Кинотеката на Македонија доби копија од филмот, бидејќи продуцентот, кој повеќе не е активен, целата своја филмска архива ја има депонирано во архивот. На презентацијата денеска ќе говорат преставници од Управата за заштита на културното наследство од Кинотеката на Македонија и инволвираните стручни лица во процесот на дигитална реставрација, а ќе биде присутен и режисерот на филмот.
Од денеска до четврток на репертоарот на кинотечното кино ќе се прикажуваат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да ги потенцираме токму во 2024 година. Пред сè, тука се краткиот документарен „Дае“ (1979) на Столе Попов и играниот „Пред дождот“ (1994) на Милчо Манчевски, кои своевремено беа во трка за престижниот „оскар“ како претставници на нашата кинематографија, а се закитија со еднакво значајни награди и на други врвни светски фестивали – „Дае“ со гран при на МФФ во Оберхаузен, а „Пред дождот“ со „златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал. Потоа следува и партизанскиот трилер „Под исто небо“ (1964) на режисерската двојка Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, па комитската драма „Нели ти реков“ (1984) на Стево Црвенковски, како и документарниот првенец „Оган“, повторно на Столе Попов, од 1974 година. Сите овие филмови во 2024 година одбележуваат свој јубилеј – од премиера, од прикажување, од создавање…
Светскиот ден на аудиовизуелно наследство, 27 Октомври, е востановен од УНЕСКО, а го одбележуваат сите светски филмски архиви, кинотеки, музеи, библиотеки и организации што работат на полето на заштитата на аудиовизуелната граѓа, предводени од Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви. Со проекции, изложби, промоции, тркалезни маси, презентации и други настани и програми сите овие организации, тела и институции се обидуваат да го свртат вниманието кон неопходноста од заштита и зачувување на филмското наследство како дел од колективната културна меморија.