Анастасија Ѓурчинова, добитничка на наградата „Драги“
Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик ја доби Анастасија Ѓурчинова, за превод од италијански јазик на делото „Интимен живот“ од авторот Николо Аманити во издание на „Антолог“. Комисијата за доделување на наградата во состав: Зорица Николовска од Филолошкиот факултет, Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски, и Владимир Јанковски, претставник на издавачката куќа „Антолог“, вели дека станува збор за превод што на мошне суптилен начин ги задржува стилските карактеристики на книжевниот дискурс на Николо Аманити, умешно вклопувајќи ги во стилските, лексичките и синтаксичките можности на македонскиот јазик.
– Преводот на Анастасија Ѓурчинова се карактеризира со прецизност и верност кон оригиналниот текст, со огромна почит кон стилот на авторот. Таа вешто ги пренесува културните и јазични нијанси, одржувајќи ја специфичната динамика и литерарниот тон на делото. Онака како што Аманити мајсторски го користи јазикот во своите дела, така и Ѓурчинова тоа мајсторство го транспонира во нејзиниот превод. Текстот е јасен и се чита природно, динамично, без јазични пречки. Вешто пренесувајќи ги емоциите и атмосферата, преводот му овозможува на читателот да доживее искуство слично на она што го нуди оригиналот. Како последица на тоа, преводот на „Интимен живот“ предизвикува и големо читателско задоволство – стои во образложението.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022) – писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Целта на наградата е да ја стимулира преведувачката дејност и да го подигне квалитетот на преведените дела во македонската култура.
Германскиот професор и преведувач Бенјамин Лангер е добитник на годинашнaта интернационална награда „Драги“ за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Романот на германски јазик го објави издавачката куќа „Гуголц“ од Берлин. Лангер е голем познавач на македонските јазик и литература. Студирал германистика и историја на уметност во Бамберг и Будимпешта, а од 2005 до 2009 предавал на Катедрата за германски јазик и литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преку преведувачката работа ја приближил македонската книжевност до германската читателска публика, што ги вклучува делата на Гоце Смилевски, Бранко Цветкоски, Дејан Трајкоски, Румена Бужаровска, Влада Урошевиќ и Петре М. Андреевски. В.Д.