Во големата сала на општина Кисела Вода, во Скопје, на 5 декември се одржа промоција на книгата ,,Животопис“ од авторката Маја Трајковиќ, чие издание беше поддржано од Одделението за култура при оваа Општина.
Промоторка на книгата беше професоркa по македонски јазик Душанка Трпевска, а рецензентка Марина Огненова.
– Во книгата се објавени тринаесет раскази во кои се опишуваат различни теми, што се случуваат во различни времиња. Опишаните ликови ги пишуваат своите животописи, затоа и книгата го има овој наслов. „Животопис“, всушност, ги обработуваат подемите и падовите на главните ликови, проткаени со архаизми кои се одлика на нашето богато пишано творештво. Инспирацијата за нејзиното создавање се чувствата и емоциите. Можеме да ги препознаеме оттуѓеноста од себе, но и од другите луѓе околу нас, како и себељубието. Поради ваквите емотивни состојби се користат магични и волшебни елементи во нивните животни приказни, за да се доближат едни до други – вели авторката Маја Трајковиќ.
Таа се раководела од идејата дека магијата во животот е остварување на отворени и искрени односи со луѓето што ги сретнуваме чекорејќи по нашата животна врвица.
– Преку овие раскази имав потреба да го апрострофирам значењето на човечноста, која ги носи промените во нашите животи, но и во општеството, бидејќи светот во кој живееме е преполн со верни послушници, а не со верници. Одалечувајќи се од бога, ја губиме вербата во себе и во човечноста – додава Трајковиќ.
Авторката е професорка по француски јазик и италијански јазик со книжевност, библиотекарка и магистер по менаџмент во образование. Нејзини други дела се: ,,Mрачен дом“, ,,Пресек“’ и ,,Златна душа“, а нејзини песни се објавени во меѓународни антологии.
М.Т.