По повод 29 Април – Меѓународниот ден на танцот, ќе има премиерна изведба на делото „Јас сум ти“ на Искра Шукарова и Тереза Лазарев во културниот центар „Јадро“, вечерва и утре, во 20 часот, со времетраење од 30 минути. Бројот на местата е лимитиран.
Преку интимен дијалог, Искра Шукарова и Тереза Лазарев истражуваат како танцот и гласот можат да коегзистираат заедно. Тие се стремат да откријат начини како двата ентитета можат да функционираат заедно, каде што едното нема да го надвладее другото. Истражувајќи го внатрешниот ритам, тие го користат гласот што ги трансформира нивните движења. Тие градат телесни релации помеѓу себе и „другиот“ користејќи го гласот како медиум за израз.
Шукарова и Лазарев во полето на современиот танц припаѓаат на две генерации (Шукарова како еден од пионерите на современиот танц кај нас, додека Лазарев е млад автор и изведувач). Тие во овој проект се наоѓаат со цел да развијат танцов вокабулар што соодветствува со нивниот интерес истражувајќи во насоката тело – глас, со што наедно делото добива и интергенерациски контекст (два гласа – две генерации). Како дел од процесот истражуваат контакт помеѓу сопствените тела, но и телото на „другиот“.