Премиери на композиции од помладата генерација македонски композитори

ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА

„Шест раце за шест премиери“ е насловен концертот што ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во Музејот на македонската борба, во рамките на „Деновите на македонската музика“. Концерт ќе одржи пијано-триото во состав: Марија Вршкова, Сара Пројковска и Елена Атанасовска-Ивановска.
– Четири и пол децении „Деновите на македонската музика“ придонесуваат за зголемување на интересот и сознанијата за новите начини на музичка експресија и креација. Новите хоризонти на македонското музичко творештво и исполнителство се континуиран процес на оваа наша реномирана манифестација. Препознатливиот програмски концепт овозможува да се согледаат индивидуалните видувања на македонските композитори и да се создаде компактна генерална слика за тоа каква е патеката на движење на современата музика создадена на нашето поднебје. Во оваа смисла е конципирана и програмата на концертот симболично насловен „Шест раце за шест премиери“, на кој светска премиера ќе доживеат композиции од помладата генерација македонски музички творци во изведба на пијано-триото „Триптих“, кое го сочинуваат три реномирани пијанистки: Марија Вршкова, Сара Пројковска и Елена Атанасовска – Ивановски – велат организаторите.

На концертниот подиум во Музејот на македонската борба првпат ќе прозвучат делата „Саати“ на Михаило Трандафиловски, „Пулсирачки град“ на Ана Пандевска, „Враќање“ на Дарија Андовска, „Y to my gti turbo pride“ на Дамјан Темков, „Алисиос“ на Бете Илин и „Токата“ на Филип Иванов.
За Марија Вршкова, музичката критика вели дека е уметница што со својата експресивност ѝ даде печат на македонската пијанистичка школа на почетокот на 21 век. Вршкова се вбројува во редот на најголемите афирматори на современото и особено македонското музичко творештво. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што ги завршува и магистерските студии. Негува посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Реализирала повеќе од 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела на македонски и странски автори.

Сара Пројковска дипломира на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борис Романов). За време на своето школување учествува на многу домашни и меѓународни натпревари, каде што забележува голем број успеси, и како солистка и како пијано-придружувачка. Нејзиното присуство е забележано и на меѓународна сцена, со настапи во Италија, Бугарија, Турција, Франција и Чешка. Реализирала голем број тонски и видеозаписи за МРТВ. Активно концертира во склоп на активностите на ФМУ, а редовно соработува со Македонската филхармонија и МОБ како уметничка соработничка.

Пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска е една од најуспешните и најафирмирани македонски уметници, која се издвојува со својот префинет звук и елегантен израз, но и огромната продуктивност, евидентна по големиот број настапи во Македонија и надвор од неа. Елена настапувала како солистка и камерна музичарка во Шпанија, Италија, Португалија, Русија, САД, Грција, Република Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово. Покрај компактните дискови реализирани во соработка со пијанистката Марија Ѓошевска и кларинетистот Ристо Ѓоревски, таа непрекинато снима како соработничка на оркестарот за филмска музика „Фејмс“.