Претставата е интимна анализа на една љубовна врска, а зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните двојки во денешно време и поставува едно навидум апсурдно, но легитимно еколошко и етичко прашање
На малата сцена во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, независниот театар „Златен Елец“ од Скопје ја изведе премиерата на претставата „Добри луѓе“. Адаптацијата и режијата се на Тамара Стојаноска, а играат младите актери Тијана Трајчевска и Филип Христовски. Музиката е на Ива Дамјановски, а извршен продуцент на претставата е Бобан Алексоски.
„Добри луѓе“ е дуодрама работена според Данкан Мекмилан, авторски материјали и инспирација од „Рилејшн ворк проџект (1976-1980)“ на Марина Абрамовиќ и Улај. Претставата е интимна анализа на една љубовна врска, а зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните двојки во денешно време и поставува едно навидум апсурдно, но легитимно еколошко и етичко прашање. Дали е оправдано да се има деца во загаден свет, во кој секое суштество создава огромни количества јаглерод диоксид, но и во свет каде што тој нов живот треба да се соочи со некои сериозни егзистенцијални проблеми со можни трагични исходи: еколошки катастрофи, пандемии и огромни економски и социјални колапси?
– „Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири – вели Тамара Стојаноска.
Ликовите живеат со анксиозност, паника и притисок од надворешната околина, но тешко и бавно носат промени во своите лични постапки и се губат во системот.
– Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост со прашањето дали се добри луѓе. Тоа што тие двајца постојано се грижат и паничат, само по себе е еден вид заменски активизам,нивната пасивна грижа станува доказ за нивната добрина и ја негира потребата за реално дејствување – вели режисерката за претставата.
Репризата на „Добри луѓе“ е во декември, повторно во Велес.
С.Ј.