По Солунскиот филмски фестивал

Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ им се приклучува на Солунскиот филмски фестивал и на Меѓународната коалиција за филмски автори во ризик изразувајќи искрена и недвосмислена поддршка за иранскиот перспективен и талентиран филмски автор Навид Михандост, кој на 20 август годинава беше уапсен во Иран за да отслужува тригодишна затворска казна. Имено, во јануари 2021 година,исламскиот суд во Техеран за специјални злосторства, за поттикнување насилство или за обид за соборување на исламската влада, донесе пресуда со која изрече казна од три и пол години врз основа на обвиненијата за дејствување против националната безбедност и пропаганда против режимот преку истакнување пароли. Коалицијата реагира на овој случај на прогон, закани за личната безбедност или слобода на филмските работници што се изложени на ризик како резултат на нивната работа и ќе го брани нивното право да продолжат со својата работа, преку мобилизирање на меѓународната филмска заедница. Неправедните обвиненија на Навид произлегуваат од документарниот филм што тој го направи во 2009 година, фокусиран на професионалниот живот на Масих Алинеџад (иранска новинарка и активистка за правата на жените). Филмот никогаш не беше објавен.

Во таа чест специјалната програма на „Киненова“, која ќе се одвива во Кинотеката на Македонија, денеска ќе биде отворена со најновиот филм на Навид, „Кафе“, кој е сниман во вонредни и исклучително тешки услови, во период додека тој вешто успеа да го избегне прогонот во неговата земја. Ова ќе биде регионална премиера на филмот или второ прикажување воопшто во светот, по светската премиера во Солун.
Ова е втор долгометражен филм на Навид, не сметајќи го документарниот филм што никогаш не беше прикажан. Во специјалната програма на „Киненова“ за декември се вклучени и наградените филмови на осмото издание на фестивалот: шпанскиот филм „20.000 вида на пчели“ на Естибалиц Уресола Солагурен, кој ја доби специјалната награда на жирито на „Киненова“, украинскиот „Клондајк“ на Марина Ер Горбах, кој ги доби наградите за најдобро сценарио и најдобра режија, и „Фатална жена“ на Сем Фринам и Нг Чон Пинг.