Претставата „Болва в уво“ ја имаше својата премиера во Драмскиот театар.
Режисерот Синиша Евтимов во своето обраќање се заблагодари за укажаната доверба во Драмскиот театар да ја режира „Болва в уво“. Најпознатиот текст на францускиот драмски писател Жорж Фејдо напишан во 1907 година, во Драмскиот театар е поставен во 1970-тите години и претставата има 456 изведби.
– Предизвикот беше дотолку поголем што култната претстава во Драмски сум ја гледал како ученик во основно училиште и сега, по 30 години професионално работење како режисер, едноставно уживав во работата во жанрот, да направам ново исчитување на текстот, а притоа да ја задржам „равенката“ што ја поставил Фејдо. Новото читање и адаптацијата подразбираат универзален јазик и хумор што координира со реалноста и актуелното време и ги поврзува универзумите, што често го користам на сцена. Најголемото технолошко достигнување во претставата е телефон со жица – појасни режисерот Евтимов.
Актерската екипа во претставата во најголем дел ја сочинуваат актери од најмладата генерација на ансамблот на Драмскиот театар, кои едногласно го изразија задоволството што работат со режисерот Евтимов, кој за време на процесот на подготвување на претставата со мали насоки им дал целосна слобода во креирањето на ликовите. Актерот Стефан Вујисиќ таа поддршка и слобода дадени од страна на режисерот ги опиша како „танцување низ процесот“, што им помогнало со вонредна леснотија да ја подготват претставата за само 36 работни дена и покрај фактот што станува збор за исклучително динамична претстава со многу влегувања и излегувања на сцената.
Во уметничкиот дел од тимот на претставата работеа сценографот Мартин Манев и костимографот Раде Василев. Инспициент е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска. Улогите во претставата ги играат: Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Владимир Петровиќ, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ (к.г.) и Ивана Павлаковиќ.
Претставата „Болва в уво“ е петтата премиера планирана за оваа година, со што во целост се реализира Годишната програма на театарот одобрена од Министерството за култура и туризам. По трите распродадени претстави во декември, претставата е на редовниот репертоар на театарот на 24 јануари 2026 година.