Отворен филмскиот фестивал во Дојран
Со српскиот филм „Летото кога научив да летам“ на Радивоје Андриќ од Србија, во пријатна атмосфера, во паркот за деца и млади во Стар Дојран, се отвори неофицијалната програма на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“ во Дојран. Станува збор за семејна приказна видена низ очите на едно девојче. Таа го истражува тој особено интересен момент од животот кога детството завршува и започнуваат новите, возбудливи времиња. Тоа е филм што ги вади на површина сите оние работи во животот што одамна ги заборавивме – првите бакнежи, првата љубов што не се заборава, изгубените соништа, надежите, спомените што живеат во нас.
Како дел од првата фестивалска вечер, актерката Елена Трајковска имаше кратко едукативно шоу за децата за филмот како медиум. А најмалите уживаа и детска анимирана фестивалска програма.
Специјалната програма на „Преку езерото“ оваа година во фокус ги има српскиот современ филм и кинематографија. Србија е земјата од каде што почнуваат тенденциите во балканскиот и медитеранскиот филм.
– Српските филмаџии се храброста во светот на филмот. Филмските слики што доаѓаат од Дунав, секогаш се влеваат во Црно Море, а оттаму во Средоземно Море, и стануваат бран што ги поплавува сите медитерански филмаџии и љубители на филмот. Во ова специјална селекција ќе видиме три нови српски филма. Првиот филм е за деца и млади, вториот за возрасни, а третиот за сите Балканци и Медитеранци, кои ќе уживаат во љубовна драма од минатото – информираат организаторите.
Целиот концепт на фестивалот е на филмскиот режисер и продуцент Јани Бојаџи.
– „Преку езерото“ е фестивал на авторите што живеат или потекнуваат од оној дел на светот што се нарекува медитерански и балкански. Зошто? За да создадеме простор каде што она што навистина е посебен дух, посебна лудост на начинот на кој се живее и создава уметност на филмот, ќе може да го споделиме помеѓу нас и нашата публика. ,,Преку езерото“ е фестивал на потребата да воспоставиме дијалог со авторите што некогаш ѝ припаѓале на една единствена и заедничка цивилизациска и културна средина. Што се случува со нас? Како повторно да се препознаеме и да ги споделиме сите оние состојби на нештата што не исчезнале, туку само останале, таму од другата страна на езерото, на времето? ,,Преку езерото“ е фестивал на уметниците и публиката што не препознава граници на слободата на духот – вели Јани Бојаџи, директор на фестивалот.
Фестивалот продолжува и следните денови, до 23 јули, со селекција на
најдобрите филмски остварувања во светот на подвижните слики на Балканот
и Медитеранот од срцето на Европа. Предвидени се проекции на пет долгометражни и девет краткометражни филма. Синоќа исто така како дел од програмата Фокус проекција имаше филмот „Името на народот“ на српскиот режисер Дарко Бајиќ. Филмот го следи животот на српскиот патриот и интелектуалец Светозар Милетиќ и неговото семејство за време на борбата за ослободување на српскиот народ од австроунгарското угнетување.