„Фемина 8/7“ е мултимедијален проект, овој пат насловен „Истокот и Западот“, во кој соработуваат жени уметници од Германија и од Македонија. Главната работна тема е поврзувањето на културолошките тенденции на една жена во средината и општеството во кои таа живее и твори

„Фемина 8/7“ е препознатлив ликовен проект во кој досега учествувале над сто македонски и странски ликовни уметници. Препознатлива е по специфичниот карактер и ликовен израз, кој во себе содржи повеќе ликовни медиуми, од класично штафелајско сликарство па сѐ до концептуални формати и нови медиуми.
Седмото издание на изложбата – „Фемина 8/7 – Истокот и Западот“, отворена синоќа, е проект на ДЛУМ во соработка со кураторките Јана Манева-Чупоска и Ирена Паскали. На изложбата учествуваат: Лудевиг Хајке, Хилер Анет, Хаген Ута, Тинтелнот Соња, Маер Катарина, Иса Андреа, Халм Анет Ц, Лукас Симоне, Ирена Паскали, Јана Манева-Чупоска, Инкен Боје, Марија Мицова Гацова, Петра Јовановска, Дита Старова, Љупка Делева, Eлпида Хаџи-Василева, Мирослава Трујкановиќ, Јaна Луловска и Елизабета Костадиновска.
– „Фемина 8/7“ е мултимедијален проект, овој пат насловен „Истокот и Западот“, во кој соработуваат жени уметници од Германија и од Македонија. Главната работна тема е поврзувањето на културолошките тенденции на една жена во средината и општеството во кои таа живее и твори. Сите различни аспекти на егзистирање во една животна средина претставуваат влијателен фактор врз формирањето на ликовниот идентитет на една жена уметница. Ваквиот концепт всушност ја претставува носечката ликовна идеја при анализата и реализацијата на овој проект, преку преиспитување на културолошките релации меѓу Истокот и Западот и нивно редефинирање односно предефинирање – велат од ДЛУМ.

Поттикот егзистенцијалната ликовна идејна потреба есенцијалното да се преточи во ликовен концепт, вкрстувањето на световите, како размислување и дијалог меѓу културите, ја прават оваа изложба возможна со интересен креативен женски ликовен пристап и идентитет.
– Иако уметноста нема никаков род како авторски потпис, можеме да го дефинираме овој концепт како творештво креирано со женско ликовно писмо, кое може да биде прикажано на моменти низ противречности и различни вредности, кое говори за ликовна симболика, за универзална вистина која се однесува на духовната еднаквост меѓу луѓето. Согледана низ очите на учесничките во овој проект, македонските и германските авторки се обидуваат преку ликовно-толкувачкиот процес заеднички да ја креираат вистинската потреба од преиспитување на присутноста на уметничките од различни општества и различни средини. Испреплетувањето на диференцијални ликовни сигнализации ќе придонесе во годинашната „Фемина 8/7 – Истокот и Западот“ за креирање нов ликовен концепт, кој како уметнички пристап ќе создаде сличности и разлики, но и преку ваквите различности или сличности се креира авторска кохезија на еден специфичен, креативен и уметнички начин – велат организаторите.

Изложбата е реализирана во соработка со германското здружение од Дизелдорф – „Продуцентска галерија План Д“. Во соработка со ова здружение проектот „Фемина 8/7 – Истокот и Западот“ отвора нови можности за соработка, претставувајќи два концепта и пристапа кон создавање нови креативни творештва, со жената како главен ликовен протагонист. Куратори се Јана Манева–Чупоска и Ирена Паскали. В.Д.