Меѓународен ден на мајчиниот јазик

Во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје беше одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари. Поздравни обраќања имаа министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Елена Јованова-Грујовска. Пригодно обраќање на темата „Кон 80 години од македонската азбука и правопис“ имаше Снежана Петрова-Џамбазова, научна советничка при Институтот за македонски јазик. Меѓународниот ден на мајчиниот јазик беше одбележан и во Тренинг-центарот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Меѓународен ден на мајчиниот јазик е ден на кој се одбележува мајчиниот јазик во земјите. Прогласен е на 30-та седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1999 година.
Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, истакна дека со овој настан Институтот го започнува одбележувањето на 80-годишнината од заокружувањето на македонскиот литературен јазик што се случи со објавувањето на македонската азбука и усвојувањето на македонскиот правопис во 1945 година.
– Почитувањето на различните култури и на различните јазици произлегува од многувековната борба за слобода и за признавање на македонскиот јазик заедно со македонската држава. Затоа почитувањето на сопствените корени, традиции и народната мудрост, мора да се преточи во завештание за идните генерации со порака за толеранција, прифаќање и респект кон различностите – рече Јованова-Грујовска.
Според неа, треба да бидеме многу побрзи во решавањето на статусот на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. Иако Собранието го усвои кон крајот на јануари минатата година, ЗУМЈ сѐ уште не функционира во пракса поради процедурите поврзани со ланските избори, а формирањето на инспекторатот, како корективно тело што произлегува од законот, не е спроведено поради потребата од дополнителни законски измени, поврзани со промената на името на Министерството за култура во министерство за култура и туризам.
– Треба да бидеме многу побрзи во решавањето на статусот на новиот закон, односно во реализацијата на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. Потребен ни е инспекторатот, потребно е вработување на млади кадри и воопшто на лектори, во сите државни институции. Потребно е конкретно функционирање на Законот за употреба на македонскиот јазик. На тој начин ќе покажеме колку сме заинтересирани за зачувување и за негување на македонскиот јазик – истакна Елена Јованова-Грујовска во изјава за Телма телевизија.
Според неа, иако живееме во услови на интензивна глобализација и има релативно малку говорители на македонски јазик, тој не е загрозен затоа што е кодифициран и зад него стои државата, преку наставата на македонски јазик и богатото уметничко творештво и литература напишана на македонски.
– Сепак, наша должност е будно да внимаваме на правилната употреба на стандардниот македонски јазик. Истовремено, да го поддржуваме стремежот за негување на мајчините јазици на нашите сограѓани и соседи – рече директорката Јованова-Грујовска.
На настанот се обрати и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој честитајќи го Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, истакна дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација туку е и темел на националниот идентитет, културата и историјата на македонскиот народ.
– Секој народ ја носи својата душа во зборот, во песната, во јазикот што го зборува и што му дава име на светот околу него. Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски – јазик на вековите, јазик на истрајноста – истакна министерот Љутков.
Тој нагласи дека мајчиниот јазик е она што нè поврзува со светот, со семејството и традицијата, темел на нашиот идентитет и чувар на нашето културно наследство. Љутков ја спомена и важноста на зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик како најголем аманет од нашите предци и како подарок за идните генерации.
– Македонскиот јазик е нашата татковина, нашиот дом и најголем аманет. Се брани со збор, со перо, со љубов, но и со гордост – рече министерот, повикувајќи ги сите да го слават и да го живеат македонскиот јазик со почит и љубов.
Љутков се осврна и на важноста на јазикот за националната самосвест и непрекинатиот развој на македонскиот народ, како и за неговата способност да ги пренесе емоциите, културата и историјата на идните генерации. Според него, македонскиот јазик мора да продолжи да биде водилка за идните предизвици и премрежиња, само така ќе продолжи да живее духот на народот.