Виолинистот Леонардо Димоски (во пијано-придружба на Шкељзен Бафтиари) и пијанистот Виктор Рафајловски ќе одржат полурецитали вечерва, во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија. На програмата се дела од Прокофјев, Лист, Прошев и Шопен.
Леонардо Димоски е роден во 2004 година во Битола, Р Македонија. Музичкото образование го започнува на шестгодишна возраст во Прилеп во ООМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“, во класата на проф. Оливера Трајкова и ментор проф. Ванчо Стоилков. Oд јануари 2017 година е под менторство на м-р проф. Сихана Бадивуку. Средното образование го завршува во државното музичко училиште во Битола, во класата на проф. Оливера Трајкова. Во 2023 година започнува со студирање во Виена со проф. Кристина Шуклар, ментор проф. Павел Верников. Учесник и добитник е на голем број награди на државни и меѓународни натпревари: лауреат е на меѓународни натпревари, добитник е на специјални, први, втори и трети награди на повеќе натпревари…
Виктор Рафајловски е роден во 2003 година во Скопје, Македонија. Од 2009 до 2022 година e ученик во основното и средното Музичко училиште при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопјe, во класата на проф. Катерина Ќетковиќ-Фидановска. Во моментов е студент на четврта година на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Катарина Крпан. Добитник е на голем број награди.
Шкељзен Бафтиари дипломирал со највисока оценка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов и завршил постдипломски студии со кум лауде, во класата на светскиот познат пијанист Симон Трпчески, со кој сѐ уште има добра соработка. Основното и средното музичко образование ги завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје во класата на проф. Људмила Романова. Пијано почнува да учи на 10-годишна возраст со проф. Симона Зафировска во ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово. Добитник е на повеќе меѓународни награди во Париз, Рим, Торино, Пловдив, Благоевград и во Белград. Одржува солистички концерти во Тетово, Скопје, Струга, Приштина, Тирана, Софија, Охрид. Настапувал на неколку фестивали.