„Поглед, кон недоглед“ е насловена самостојната изложба на слики на академскиот уметник Марјан Стојаноски, која ќе биде отворена на 11 септември во КИЦ во Тирана, Албанија. Стојаноски пред албанската уметничка јавност ќе се претстави со 16 дела, за кои Викторија Димеска, историчарка на уметност, вели дека се создадени со виорен и енергичен јазик и се асоцијативно-апстрактни композиции.
– Академскиот уметник Марјан Стојаноски понесува со моќна експресивност.
Комбинирајќи цртачки и сликарски техники, тој создава слоевита, комплексна и динамична содржина богата со контрастна изведба на линиите и боените површини. Слободна имагинативна изразност вирее од раскошниот семиотички јазик применет за креирање на асоцијативните апстракции. Од севкупната хипнотизирачка комплексност на метафоричните синтагми провејува чувство на леснотија и безгрижност, вовлекувајќи го погледот во бескрајна длабочина на фантазијата – вели Димеска.
Стојаноски минатата година имаше одлично претставување во КИЦ во Софија, Бугарија, со скулптури од различен формат. Изложбата „Panta rhei“ со ротирачки скулптури, изработени во метал и елементи од дрво, предизвика голем интерес во бугарската јавност. Завршува ФЛУ во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди.Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Во два наврата е претседател на ДЛУП, каде што во 2015 година како член ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул“. Има реализирано голем број изложби, како самостојни, така и групни. Ка.М.