Во познатата париска книжарница „Прозорец на писателите“ викендов беше промовирана поетската книга „Францускиот сон – сонот на Фанон“ од Константин Плевнеш, издадена од издавачката куќа „Мерл Мокер“.
Пред многубројната публика од книжевниот и интелектуалниот свет, книгата ја претстави францускиот поет со интернационално реноме Франсис Комб, кој истакна дека Константин Плевнеш гради една исклучително силна поетска биографија на еден од најголемите револуционери во светската историја, Франц Фанон (1925-1961), кој иако умира на само 36 години во болницата „Бетесда“ во Вашингтон, неговото дело останува како духовен монумент на сите идеалисти од сите меридијани.
Пророштвото на Жан-Пол Сартр дека Фанон ќе живее и по својата смрт како симбол на слободата на сите сонувачи од меридијаните дека утре ќе живеат во подобар свет се оствари како идеја ,но не како стварност. Стварноста е жестока, но поезијата и уметноста се бесмртни. Катастрофата на светот во кој денес живееме, како што рекол Комб, во книгата на Константин Плевнеш се претвора во поезија-крик што покажува дека ништо не може да ја уништи духовната светлина на хуманизмот за кој Фанон сонуваше со жестоката критика на тие што тогаш и денес владеат со светот и човештвото.
Пред публиката, која пројави голем интерес за ова дело, поетот Константин Плевнеш прочита неколку песни, кои беа наградени со долги аплаузи, истакнувајќи дека веќе седум години од својот творечки живот му ги посветил на овој „ангел на никогаш незавршената светска револуција“.