Во Националната галерија во Прага денеска ќе биде отворена патувачката изложба „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ-Скопје“ со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. Ова големо претставување првично е резултат на соработката меѓу МСУ–Скопје и „Кунстхале Виена“. Кураторскиот тим го сочинуваат: Сабина Саболовиќ (директорка на „Кунстхале Виена“), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин.

– Вака конципирана изложбата за првпат беше отворена во април минатата година во престижниот простор „Кунстхале Виена“, еден од најголемите европски културни центри. Поставката за солидарно Скопје со дела што светски познатите уметници му ги подарија на МСУ, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, за девет месеци во Виена ја видоа повеќе од 75.000 илјади посетители, а само на отворањето над 1.000. Од вкупната уметничка колекција на МСУ, која опфаќа повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Истиот концепт ќе биде пренесен во чешката Национална галерија и ќе бидат додадени уште 54 дела од колекцијата на нашиот музеј – велат од МСУ.
Кураторките поканија четири меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата беше да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. На уметниците Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), за поставката во Прага им се приклучуваат и уметниците Џеспер Алваер и Изабела Гросеова (Прага), кои, исто така, направија избор на дела од колекцијата на МСУ, кои ќе бидат поставени во корелација со нивните авторски дела.

Оваа изложба претставува еден од најкомплексните патувачки проекти на МСУ–Скопје и е дел од одбележувањето на јубилејот 60 години од основањето на Музејот на современата уметност – Скопје.

С.Ј.