По реализацијата на едно од најдобрите национални преставувања на 59. издание на меѓународната ликовна изложба Венециско биенале 2022, со проектот „Пејзажно искуство“ на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, и по македонската премиера во текот на 2023 година, од 7 јуни проектот ќе биде претставен пред новосадската публика. Мултимедијалниот проект ќе биде поставен во Музејот на современата уметност на Војводина во Нови Сад и ќе биде отворена за јавноста цел месец.
– Уметничките истражувања на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот наратив припаѓаат на широкото поле на уметнички искази, кои ѝ даваат важност на културата на сеќавањето. Присутна веќе неколку децении низ различна теориска, научна, уметничка и културна практика, културата на сеќавањето има сè поголемо значење не само во конституирањето на историјата „која ја пишуваат победниците“, нејзината митологизација и критика, туку и во контекстот на изградување на лични и колективни идентитети – родови, расни, етнички, верски, социјални и други – велат кураторките на проектот, Ана Франговска и Сања Којиќ–Младенов.
Комесарка на претставувањето е директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими.
„Пејзажно искуство“ предоминантно се занимава со причините и апсурдите на човековата егзистенција, со убавото и грдото, со кризата на духот, но исто така се занимава и со доминацијата на капиталот, колонијалните политики, идеологиите и технологијата, кои влијаат врз разобличувањето на рамнотежата на човекот, живиот свет и природната средина во екосистемот.
– Овој мултинаративен транстактичен проект на тандемот Јанкулоски – Мотеска на критичко-дискурзивен начин укажува на опасностите што демнат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на антропоценот, кои се и данок на капитализмот и политиките на власт, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски) за нечии идеали, во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите. Може ли убавото да биде истовремено и подмолно грдо, естетското да стане слуга на злото, но со намера да го изнајде вистинскиот пат за да стане опомена? Сите овие прашања, со преиспитување на тезата за баналноста на злото, се наоѓаат во проектот – додаваат кураторите на изложбата. В.Д.