Дебата за заштита на мајчиниот јазик преку литературата
Заштитата и промоцијата на мајчиниот јазик преку литературата беа темата на втората дебата од серијалот „Разговори за културата“ што ја организираше „Европската куќа“ во Скопје. На дебатата, која се одржа по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, беше истакнато виталното значење на овој ден за промоција и заштита на сите јазици, но истовремено и за издигнување на свеста за лингвистичката и културна разноликост. Панелисти на дебатата беа: амбасадорот Дејвид Гир, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска; Весна Мојсова-Чепишевска, редовна професорка на Филолошкиот факултет, Петар Андоновски, писател, и Дејан Василевски, лектор по македонски јазик.
Весна Мојсова-Чепишевска, редовна професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, истакна дека нашата литература опстојува низ минатото без разлика колку бил негиран македонскиот јазик. Во врска со прашањето зошто малку се изучува македонскиот јазик, Мојсова-Чепишевска рече дека квантитетот не секогаш дава квалитет, а македонскиот јазик треба да го изучуваат оние студенти што вистински го сакаат јазикот и што вистински сакаат да го применуваат.
– Македонскиот јазик треба да го учи најдобриот, тој што вистински сака да го учи. Писателите се една добра армија што го чува јазикот, а преку преводот тие стануваат европски автори – рече Мојсова-Чепишевска.
За лекторатите на македонски јазик во светот, Мојсова-Чепишевска кажа дека имаме десет лекторати, кои имаат образовна и едукативна цел, но остваруваат функција и на културна дипломатија. Таа посочи дека состојбата не е, како што кажа розова, но, не е ни лоша, и дека има напори да се отворат и во Турција и во Кина.
Петар Андоновски, писател и лауреат на Европската награда за литература истакна дека активностите на Семинарот за македонски јазик, литература и култура за промоција на македонскиот јазик се навистина значајни, но, како што рече, не може целата борба да падне на грижата на поединци, а за тоа повеќе треба да направи државата. Андоновски ја истакна потребата од формирање агенција за книга што ќе работи на промоција и афирмација на македонската книжевност во светот. Тој ја посочи и важноста од учеството на саемите на книгата, особено на оној во Франкфурт, каде што треба да се има поразличен пристап во промоцијата.
Дејан Василевски, лектор по македонски јазик, ги сподели своите искуства во однос на примената на македонскиот јазик и додаде дека состојбата со примената во повеќе аспекти е лоша.
– Македонските автори се трудат да пишуваат литературно. За преводите, примената е послаба, според мене, тоа е поради ниските цени на преводите. Лоша е состојбата во примената на македонскиот јазик во медиумите и на интернет-порталите, кои речиси и да немаат лектор, се пласираат информации што воопшто не се лекторирани – истакна Василевски.
Тој додаде дека е потребна поголема контрола на примената на јазикот и истакна дека тоа ќе се уреди со новиот Инспекторат за примена на македонскиот јазик, чие формирање е предвидено со новиот предлог-закон за употребата на македонскиот јазик.
Како голем чекор во заштитата на мајчиниот јазик беше посочен проектот за дигитализација на досиејата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Притоа беше нагласено дека годинава во културата се прославуваат неколку значајни јубилеи и во тој контекст се поддржани неколку проекти на Институтот за македонски јазик преку кои достојно ќе биде одбележан нивниот седумдецениски јубилеј, како и одбележувањето 120 години од објавувањето на книгата на Мисирков „За македонцките работи“.
Амбасадорот Дејвид Гир за своето познавање на македонската литература рече дека неговите соработници секогаш се трудат да го запознаат со тоа што нему му причинува задоволство. Тој додаде дека македонската книжевност има многу да ѝ понуди на Европската Унија.
– Ваквите настани се фасцинантни и многу излагања овде ми ги отворија очите. Оваа култура има што да каже не само тука туку и во ЕУ – додаде Гир. В.Д.