Кон книгата „Поетски мозаик“ од поетесата Гордана Димовска

Рецензија

Поетесата Гордана Димовска својата видлива линија на заинтересирано премостување на далечните простори ја подвлекува со ракатка стихови наменети за далечините наспроти својот роден крај, обединети во книга со наслов „Поетски мозаик“. Таа како птица одлетана во други непознати предели ја започнува и јасно ја бележи сопствената драматика.
„Одлета како птица во едно пладне есенско
Далеку од својот роден крај
Преку мориња, океани да најдеш нов дом.“
Сепак таа цврсто ја држи и негува љубовта за родниот крај, за Македонија, земјата од каде што животот ја поткрена и носена на крилјата од потрагата се наоѓа во далечини, каде што ги запишува своите искрени спомени за Македонија. Во таа можност да се откриваат простори што постојано се едначат со оние другите што ги напушта, поетесата е пред вечната дилема и прашањето дали и кога ќе се врати Македонецот повторно врз своето топло огниште. Таа дилема некогаш се решава, благопријатно за некои што не успеале целосно да се врзат за новата земја. Некои заборавиле од каде полетале и што оставиле таму назад. Но Гордана Димовска преку своите лирски навраќања ја нагласува сета своја љубов, целиот свој патриотизам за Македонија, за нејзините убавини, како и нејзините историски значајни датуми.
„Еј Македонијо
Мајко страдалнице
Уште колку ли векови ќе страдаш?“
Поетесата своите чувства за сите што се бореле за слобода и ги положиле своите животи во темелите на посакуваната слобода ги искажува преку песната „11 Ноември“. Оттука тој нагласен космополитизам на Димовска, тој мост за спојување на сите борци за слобода каде било и кога било.

Во „Поетски мозаик“ следуваат мноштво стихови посветени на вечната борба на Македонците низ минатите времиња. Сите тие песни се поетски записи на една даровита млада поетеса, која во закрила на мигот исполнет со дневните настани, за непризнавањето, за името македонско, за јазикот и низа други актуелности, ја предизвикале поетесата да го дигне својот глас. За неа не би постоел светот ако не постојат македонскиот јазик, Македонецот и, секако, Македонија. Димовска посветила и доста стихови со нагласена лиричност, дескриптивност, емотивност и за убавините на својот роден крај, особено Битола и Пелистер, кои се вечен запис во нејзината душа. Во стиховите на Димовска нема песни со нагласен ирационализам, напротив, во сите блика еден штедар извор на љубов, желби, посакувања, да се забележи и обележи пулсирањето на возбуденоста за својата земја Македонија.
Оваа книга околу себе ќе создаде видлива аура, нагласен релјеф на интересноста за идните читатели љубители на поезијата. Токму „Поетски мозаик“, изграден од бесценети шаренолики камчиња (зборови и стихови), ќе биде основа за убаво патување, за прекрасно сонување на убавините со кои нѐ почести поетесата Гордана Димовска.

Илија Мерковски