Добитничка е на повеќе книжевни награди, има објавено десет збирки поезија, три збирки раскази, збирка драми, збирка есеи и роман во Хрватска, како и книги во Мексико, Белгија, Тунис и Црна Гора, а македонската публика ќе има можност да ја види на претстојниот „Скопски поетски фестивал“

Лана Деркач, хрватска писателка

Лана Деркач од Хрватска пишува поезија, проза, драми и есеи. Застапена е во земјата и во странство во многу антологии, панорами и зборници. Учесничка е на голем број меѓународни поетски фестивали, а нејзини текстови се преведени на 20 јазици. Добитничка е на повеќе книжевни награди, меѓу кои и: хрватската книжевна награда „Здравко Пуцак“, „Духовен дабјак“, Vinum et poeta и „Ристо Ратковиќ“ за најдобра збирка песни на просторот на Црна Гора, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина. Има објавено десет збирки поезија, три збирки раскази, збирка драми, збирка есеи и роман во Хрватска, како и книги во Мексико, Белгија, Тунис и Црна Гора. Штотуку ѝ излезе од печат книгата раскази „Адресар на смртта“ (Adresar smrti), објавена во издание на „Фрактура“. Македонската публика ќе има можност да ја види на претстојниот „Скопски поетски фестивал“, кој ќе се одржува на 27 и 28 септември.

Каде се наоѓа „Хотелот за мртви“?
– „Хотелот за мртви“, измислена градба од песната по која збирката го носи името, има свои невидливи соби и ѕидови баш во Цриквеница, гратче во кое летувам на Јадранот. Иако насловот не го сугерира тоа, во „Хотелот за мртви“ има многу леснотија. Целата книга не ми се чини отповеќе мрачна. Кога таму, за време на годишниот одмор, се враќам од на кафе во апартманот, поминувам покрај патоказ за хотел што покажува повеќе нешта, па и правецот за гробиштата. Така секојпат во главата си ги спојувам хотелот и гробиштата. Се прашувам, ако живите имаат право на хотел, зошто истото тоа право не би го имале и мртовците. Во песната се обидов да замислам како би изгледал ден во еден таков хотел за мртви. Вистина е дека синтагмата „Хотел за мртви“ би можела да се толкува и оптимистички и песимистички, ама не сакав на книгата да ѝ дадам ниту еден од тие два призвука. Иако мртвите во мојата песна не се лишени од желби и емоции, тие ги немаат ни драматичните расположенија карактеристични за живите. Ми се чинеше дека сепак сè уште мора да работат на својата резигнација.
Поезијата е мемориска пена. Што сè памети песната?
– Апсолутно сè. Нема нешто што не би можело да остави свој впечаток на таа „перница“. Но, читателот може да смета дека поезијата би требало да биде нешто што ќе ги осигури опуштањето и добриот сон. Во тој случај, мојата поезија го изневерува. Не секогаш, ама често. Причината за тоа е што дозволувам сето тоа за кое размислувам да влезе во песната. Ако на читателот му понудам непоматен лирски свет и му зборувам за својата кревка интима, тоа не значи дека веќе во следниот стих нема да внесам кабли и жица или, дури, и висока технологија. Склона сум да ги избришам границите помеѓу човекот и природата. На потрадиционалните читатели може да им запречи наглиот удар врз лирското, ама во песната сакам да ја ставам секојдневицата со сето тоа што го носи таа и, колку и да се трудиме, не можеме да ја избегнеме. Песната без тоа би ми се чинела безживотна. Мислам дека книжевноста мора да го одразува духот на времето. Но тоа, секако, не значи дека зборовите треба да се трупаат без промислување. Сметам дека треба, и тоа како, да се одмерува кој е најдобриот начин да се изрече некоја мисла.
Сакате да си играте со зборовите. Во која мера пишувањето е игра, во која е архитектура?
– Пишувањето е и едното и другото, и нема големо дело ако во него не се застапени и знаењето како да се изгради песната за таа да не се урне, но и луцидните елементи на играта. Архитектурата без игра е прездодевна и во неа нема доволно креативност. Играта мора да биде ткивото на песната, кое се нанесува на добро осмислената и носечка конструкција. Играта, без сомнение, е тоа што изненадува и што остава силен впечаток. Мислам дека архитектурата зборува за стилската вештина и за трудот, а играта е тоа што укажува на неконвенционалноста и на генијалноста на писателите што ги сакам.
Служи ли за нешто поезијата? Или, му служи ли некому?
– Одамна напишав есеј во кој зборувам за пишувањето поезија како терапија што ни дава сила да истраеме во носењето на индивидуалните или глобалните слики на овој свет и да ги претвораме во роеви откачени и намножени метафори, споредби, ономатопеи, персонификации и други стилски фигури. Поетот никогаш не потпишал согласност за носење неволји, ама наѕира одреден вид договор помеѓу неволјата и поезијата. Гледа можност за компензација, па неговото сизифовско тркалање на каменот не е сосема залудно. Поезијата на поетот Сизиф му дава нова смисла. Казната не е последната намера на боговите. Занесеното и непрагматично битие одеднаш поседува способност за практичност и господарење. Од личната загуба извлекува профит. Но, книжевноста сака парадокси.
Како настанува една песна, а како една книга песни?
– Би се надоврзала на претходното прашање за служењето во кое се обидов да објаснам дали песната му служи некому или за нешто. Секоја песна има некоја малечка задача, иако ретко за неа би зборувале како за ангажирана. Но, постои ли барем еден поет кому целта на пишувањето не му е да ја забележи убавината или отсуството на убавина, да ја констатира стварноста или, пак, преку стиховите да ѝ се измолкне? Кој не сака да ја исполни празнината со креација? Кој не настојува со пишувањето да ѝ се спротивстави на монотонијата или на меланхолијата? Кој со новосоздадените стихови нема намера да осигури барем краткотрајна полнотија? Кој нема потреба да ги сфати причините и последиците, да ги разбере промените и да се обиде, често баш преку стилските фигури, да си ги објасни прво себеси? Песната настанува како потреба на авторот да одговори барем на нешто од наведеното. Ама, и на многу нешта што не успеав да наведам. Кога би можело точно да се набројат задачите на песната и кога тие би биле цврсто определени и востановени, поезијата би ја изгубила креативноста. Или барем би го изгубила волшепството што е заслужно за моќниот впечаток кај читателот. А уметничкото дело е запаметливо токму по впечатокот што го предизвикало. Една песна привремено ја гасне жедта на својот творец. И така таа борба против жедта се сложува во книга.
Кому му пишуваме? Себеси или на светот?
– Не служи само поезијата. Служи и поетот. Послужен со сето тоа што му го осигуриле сетилата, тој мора да ѝ служи на уметноста за на крајот да дојде до сопствениот текст, кој и нему ќе му биде слуга. Но, не само нему. Тој текст мора прво да им служи на сите што ќе го прифатат неговиот повик. На авторот му служи како превозно средство при транспортот на каменот што не би смеело веќе сизифовски да му се враќа. Ѝ служи на сегашноста, која архивира, чува, но и го дополнува нејзиното истовремено богатство и сиромаштво. Им служи на историјата и на иднината, зашто содржи сеќавање.
Би било погрешно да се каже дека писателот не си пишува и себеси и на светот. Кога низ текстот не би се потпрашувал и себеси, би бил само хроничар. Кога не би истражувал и кога не би ја љубел сета ширина на вселената, која го вклучува другиот, би бил само слуга на своето его. Во моќното дело авторот ја пронаоѓа можната вистина за себе, ама со текстот му ја пренесува и на читателот. Ако читателот не доживеал барем малечок блесок, кој познатите нешта поинаку ги преуредил, ако барем за миг не останал затекнат, ако не ја почувствувал убавината на зачуденоста или ако не доживеал моќно некоја слика, ако не се воодушевил од некоја идеја, веројатно не станува збор за големо дело. Но, ако претпоставиме дека можеме да му веруваме на читателот.
Во поезијата, на почетокот беше зборот или на почетокот беше сликата?
– Како писателка, веројатно би требало да застанам во одбрана на зборот. Ама нема да го направам тоа. Вистина е дека во јазикот постои императив, дека може да се заповеда настанувањето на сликата, ама неточно е на сликата да ѝ се одземат заповедните особини. Не сакам да ја потценам силата на некоја уверлива глетка, на пример сликата на маката, па верувам дека впечатлива глетка може да натера на кој било збор и да ја преземе функцијата на императивот.
Кој ја пишува песната?
– Песната ја пишува онаа сила во човекот што не му допушта да се предаде, бара од него секојпат нова победа над Сизиф, ама ништо, освен краткотраен сјај на лицето, не може да му вети.

Ѓоко Здравески