Изложбата „Патување низ боите – јубилејни триесет години творештво“ на ликовниот уметник и професор Башким Меџити ќе биде отворена на 16 декември (понеделник), во 19 часот, во објектот „Чифте-амам“ на Националната галерија. Сликарскиот опус ќе биде претставен со седумдесетина негови слики изработени во комбинирана техника, акрил на платно. Творечкото патување на Меџити се одвива низ неколку циклуси, од најраната младост, дипломирањето на Факултетот за ликовна уметност во Приштина, до неговиот сегашен ангажман како редовен професор на Државниот универзитет во Тетово.
– Во првата фаза на својот творечки опус, Меџити се фокусирал на изработка на портрети и фигурација. Неговиот пристап е индивидуален и длабоко прецизен, досегајќи до фасцинантна импресија и индивидуализам со силна емотивна порака. Тоналитетот е јасно изразен, како и придушената анимација на перспективата. Фигурацијата во современата уметност претставува динамичен и комплексен феномен. Кај Меџити таа е оформена со чувство на сликовитост во преносна смисла. Преку неа тој ги истражува идентитетот, општествените односи и колективната наративност – вели кураторката Маја Крстевска, виша кустоска во Националната галерија.
Во втората фаза на експресионистички пејзаж и скулптура (1998-2014) исклучителен и разнолик е интересот на Меџити за експресионистичкиот пејзаж, каде што преовладува хармонија во палетата што се втопува во целината на прикажаната сцена.
– Студиозно и во јасен манир ги одразува волуминозноста и густината на тоналитетот, со што пејзажите стануваат глетки со природна убавина. Тој со голема леснотија го интерпретира одблесокот на светлината, при што студиозно ѝ приоѓа на темата воздигнувајќи ја до јасен експресионистички израз. Креативноста е моќно изразена, како и субјективноста на ликовниот израз. Во пејзажите е нагласена вредноста на емоцијата, втемелена во топлиот колорит на заднината, прикажувајќи ги мотивите од неговиот роден крај. Во текот на овој период Меџити покажал интерес за скулптурата. Тој изработил историски фигури во реалистичен стил, на кои секој детаљ е прецизно и пропорционално разработен, изразувајќи завидна хармонија и стабилност во нивното обликување – велат од НГМ.
Линијата како најстара форма на изразување во историјата на цртежот, Меџити ја користи во своето сликарство како доминанта, за да ни овозможи јасен приказ на избраниот мотив.
– Одлика му е јасен, снажен колорит, рамномерна исполнетост на целата површина на платното. На моменти се придржува до традиционалните мотиви и прави спој со модерното, во насока на функционалност на делото. Воден од потребата за истражување на лирската апстракција и на рационалната свест и стремејќи се кон доживување на емоцијата, тој интуитивно ги обликува, со спонтани, експресивни потези. Всушност, со сликарската гестикулација нѐ води кон саканата стилска синтеза со индивидуална промена. Поттикнува рефлексија преку боите, кои внесуваат перцепција на ниво до конкретната појава. Апстрактните слики понекогаш се дефинираат кај авторот како потези што не постојат во стварноста, туку само како емотивен потег остварен преку боите – вели кураторката на изложбата.
За самото отворање ќе биде подготвена соодветна монографија со пригодни осврти за неговиот сликарски пат, а изложбата ќе трае до 16 јануари. В.Д.