Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава беше во Кочани. Проекциите на документарни филмови се одржале од 15 до 18 и на 20 јули на Летната сцена пред НУ Центар за култура „Бели мугри“ во Кочани.
Шестнаесетото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 21 до 28 август во Скопје, под мотото „Кому му е гајле за реалноста“.
– На пат кон Кочани, Патувачкото кино помина покрај бујните златни полиња наближувајќи кон својата крајна дестинација. Пред Кочани нѐ пречекаа бујните оризови полиња. Распостелени во Кочанската котлина, тие потсетуваат дека сите сме ко зрнца ориз – на сите ни треба истото сонце, истата вода, истата грижа. Ама и дека ништо не пркнува без катадневно внимание и труд. Преку ден шетавме низ Зелените пазари во Кочани, кои не се само редици со тезги полни со овошја и зеленчуци, туку и шарени мозаици од енергии, животни приказни, искуства – секакви. Секоја вечер повторно се собиравме пред филмското платно и создававме безбеден простор во кој чувствата се добредојдени исто колку и молкот, со надеж дека туѓите приказни, независно дали ќе се препознае човек во нив или не, ќе утешат, охрабрат, поттикнат – информираат од „МакеДокс“.
Организаторите на фестивалот посочуваат дека во рамки на патувачкото кино го посетиле и Споменикот на слободата на кочанското брдо Лакобија, кој уште од раните осумдесетти години на минатиот век го чува споменот за борците од Втората светска војна, родум особено од овие краишта.
– Храм со ретка вредност кој молчешкум нè потсетува дека за реалноста треба секому да му биде гајле. Инаку, како ќе ни биде поарно, како ќе нè огрее новото сонце? Дури и во свет на контрадикторности, има нешто што човек, сепак, може беспогрешно да го разликува, иако се чини дека го снемува додека сè наоколу незапирливо тече. Тоа е она што никогаш не би требало да се промени, тоа е она што сакаме повторно да го исполни воздухот ко мирисот на боровите и буките на Осоговијата. Ретко е, ко дивите коњи на Пониква пред кои застанува здивот, ама несомнено постои. Тоа е обѕирноста, тоа е грижата за другиот, тоа е спремноста да се радуваме и да сочувствуваме со него – информираат од Фестивалот „МакеДокс“.
Патувачкото кино на 19 јули имаше проекција и во селото Смилево, во Демир Хисар. Проекцијата беше реализирана во рамки на Фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“. Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а се реализираше во соработка со SupportKochani, НУ Центар за култура „Бели мугри“ и Општина Кочани.
– Живеејќи во свет што катадневно се менува, свет во кој информациите отсекаде извираат и незапирливо течат, станува сè потешко да разликуваме што е вистина, а што не. Така се будиме во реалност што не е лесно ниту да се прифати и во неа да се живее, ниту да се фати со камера. Секој од нас може да стори барем по нешто за сегашноста да биде поинаква. Ако ни е гајле за реалноста сега, нема да мора да береме гајле за иднината после. Тргнуваме од самите нас – посочуваат организаторите на „МакеДокс“.