Во Францускиот институт е поставена изложбата на фотографии „Париз, Ла Дефанс“ на нашиот афирмиран фотограф Александар Кондев. Изложбата се состои од шест фотографии и е поставена по повод одбележувањето на франкофонијата. Фотографиите се реализирани во декември 2021 г., за време на престојот на уметникот во Париз и го заокружуваат циклусот фотографии под наслов „Франција“, реализирани во периодот од 1993 до 2021 година.
Уметничкиот престој во Париз беше поддржан од Министерството за култура.
Александар Кондев е роден во 1950 година, во Скопје. Уште во основното училиште се запознава со фотографијата и фотографската техника. Од најмала возраст активно учествува на натпревари по фототехника, на кои освојува награди.
Нагласената индивидуалност го насочува неговиот интерес кон филмот и анимацијата, како и за експериментите во играниот и документарниот филм. Со својот прв игран филм „Ден како секој ден“ ја освојува наградата за дебитантски филм на Републичкиот фестивал на аматерскиот филм во Скопје, во 1967 година. Паралелно работи на анимации и на експериментални филмови.
Учествува на голем број изложби во тогашна Југославија и во странство. Првата самостојна изложба ја реализира во 1977 година, во галеријата на домот на младите „25 Мај“ во Скопје.
Кондев е основач на фотоклубот „25“, во чии рамките активно дејствува како педагог и како излагач. Во 2015 год. имаше голема ретроспективна изложба во Националната галерија на Македонија. Автор е на книгата „Сеќавањето е слика“ и коавтор на книгата „Протести“. Од 1989 година до денес работи како самостоен фотограф.