Ќе бидат изложени дела на македонските современи уметници што оделе во Париз на специјализации и студиски престои, односно Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, како и Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова
Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на франкофонијата ја најавува изложбата на македонските основоположници што живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни. Насловот на изложбата е „Париски рефлексии“ и ќе биде отворена во објектот „Чифте-амам“ в петок, во 12 часот. На публиката и на љубителите на уметноста ќе им се обратат директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, и министерската за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
– Париска школа е назив за сите уметници што по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност. Оваа школа и уметноста на Париз вршат големо влијание врз лицето и развојот на македонскиот модернизам и уметноста од почетокот, па сè до средината на 20 век, бидејќи македонските современи уметници оделе во Париз на специјализации и студиски престои, со цел да ги усовршат академските поуки стекнати во регионалните универзитети и академии за ликовни уметности – велат од Националната галерија.
На изложбата ќе бидат претставени дела од основоположниците на македонската современа уметност: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски и автори од втората и третата генерација македонски едуцирани уметници во чии дела се чувствува влијанието на Париз: Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова.
Во еден селектиран, а концизен концепт и презентација, ќе се претстават најрепрезентативните дела од колекцијата на Националната галерија на Македонија, а наедно и ќе се даде пресек на самиот развој на модернизмот во македонската уметност од почетокот на 20 век и преодот од фрескоживопис и иконопис, кон уметност на световни мотиви.