Од денеска до 25 октомври визуелната уметница Пандора Апостолоска Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски ќе имаат самостојна изложба во Македонскиот центар КИЦ во Загреб, Хрватска. Пандора ќе се претстави со инсталацијата „Тишина“, мултидисциплинарен проект што ги истражува правата на имигрантите и го дефинира видот на уметност што се создава за да постои во одреден политички момент, со што се врши потенцијално политичко и општествено влијание врз самото уметничко дело. Спомените и личните приказни стануваат важен сегмент во нејзината работа.
Сашо Саздовски ќе се претстави со проектот „Варијации“, чија цел е да ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата, паралелно со цртежот. Тој е дел од истражувачката серија на скулптури во кои авторот се обидува да ги спои природните материјали како мермерот и гранитот со вештачки добиените материјали создадени од човекот. Делата на скулпторот Сашо Саздовски имаат цел да го презентираат научноистражувачкиот процес во кој авторот спојувајќи ги различните материјали се обидува да ја открие суштината на единството на спротивностите.