Дваесетта самостојна изложба на Цветанка Јованова Хермес

Дваесеттата самостојна изложба на Цветанка Јованова Хермес, „Емоција во боја“, може да се посети во МКЦ. Изложбата претставува околу 30 дела, во кои бојата е главниот носител на емоцијата, движењето и внатрешната состојба. Делата се движат меѓу фигурацијата и апстракцијата, со силен експресивен потег и интензивна колоритна палета. Женските ликови, симболичните форми и растителните мотиви не се класични портрети, туку визуелни состојби на духот, оставајќи простор за лично доживување и интерпретација.
– Дваесетте самостојни изложби за мене се сведоштво за истрајност и верност кон сопствениот израз. Овој јубилеј го чувствувам како тивка благодарност кон уметноста, кон публиката и кон сите фази низ кои сум минувала. Секоја изложба е ново откривање на себе, а оваа е особено лична – вели Цветанка Јованова Хермес
Таа изложбата „Емоција во боја“ ја опишува како интимна, експресивна и искрена.
– Ова е изложба во која бојата зборува погласно од формата, а емоцијата е централниот двигател на секое дело. Процесот започнува од внатрешна состојба. Чувство што бара израз. Бојата доаѓа интуитивно и ја носи енергијата на таа емоција. Формата потоа се гради околу неа, како природен тек на чувството – истакнува Хермес.
Делата се движат меѓу фигурацијата и апстракцијата, а таа вели дека најкомотно се чувствува во просторот меѓу двете.
– Таму каде што фигурата е навестена, а не целосно дефинирана, тој меѓупростор ми овозможува слобода и длабочина. Со оваа изложба сакам публиката да почувствува препознавање. Да застане пред делото и да дозволи сопствената емоција да излезе на површина. Не нудам одговори, нудам простор за доживување – изјавува Хермес.
По дваесет самостојни изложби, таа наедно чувствува континуитет и трансформација во сопствениот ликовен јазик.
– Постои континуитет во темите што ме преокупираат: жената, внатрешната состојба, симболиката… но чувствувам и трансформација. Денес сум похрабра во бојата и послободна во потегот. Ликовниот јазик созрева заедно со мене. Секоја слика е дел од мене оставен на платно, тивко, но вистинито – подвлeкува нашата соговорничка.
Цветанка Јованова дипломирала во 2001 година на ФЛУ во Благоевград, Бугарија, на отсекот графика. Во 2011 година магистрирала на ФЛУ Скопје. Членка е на ДЛУМ од 2004 година. Учесничка е на неколку групни изложби во земјата и во странство. Учесничка е на повеќе од сто колонии, работилници и ликовни перформанси во земјата и во странство.