Македонскиот народен театар известува дека денеска, во 13.30 часот, на големата сцена ќе се одржи отворена/јавна комеморација во чест на големиот Ристо Стефановски, кому сите пријатели, познаници и почитувачи ќе му оддадат почит.
Стефановски беше долгогодишен театарски работник, театролог и театарски историчар. Роден е во 1928 година, во Скопје. По завршувањето на театарската школа, студирал и организација на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 1951 до 1960 година бил актер во Народниот театар во Скопје. Одиграл 14 улоги: од Поцко во „Чорбаџи Теодос“ (1945), преку Зија во „Гоце“ (1951), Тренко во „Македонска крвава свадба“ (1953), Офицер во „Отело“ (1954), Френсис Нерс во „Вештерките од Салем“ (1955), Петров во „Оклопниот воз 14-69“ (1957), до Иван Петрович Восмибратов во „Шума“ (1959).
Стефановски ќе остане засекогаш во аналите на Македонскиот народен театар, не само како актер туку и како човек што го раководеше театарот во неговиот значаен период од 1983 до 1988 година. Беше и директор во Драмскиот театар – Скопје, во период од 26 години. Дел од историјата на МНТ и воопшто на македонскиот театар е запишана од Стефановски во книгите што се однесуваат на театарот и кои сведочат за изминатите годините.