Фото: МИА

Во Музејот на македонската борба за самостојност

Во Музејот на македонската борба за самостојност вечерва е отворена изложбата „Спомен куќа на Тоше – чувар на спомените, животот и делото на најголемата македонска поп икона“ на која се прикажани 15 форекси и 15 фотографии на платно заедно со два дела од облеката на Тоше, како и неговиот омилен музички инструмент, гитарата.

Директорката на Музеј на македонската борба за самостојност, Даниела Николова, кажа дека преку изложбата на 15 форекси и 15 фотографии на кванс платно, посетителите ќе имаат можност да го проследат животниот пат на Тоше Проески.

Фото: МИА

– Времето поминува, но спомените остануваат вечни. Да се сеќаваме на ликот и делото на Тоше и понатаму и секогаш да ја пренесуваме неговата порака за љубов, несебичност и хуманост, бидејќи само така ќе го задржиме споменот за него – истакна Николова.

Директорката на НУ Спомен куќа на Тодор Проески, Лефкија Гажоска, ја објасни причината зошто проектот е насловен „Спомен куќата на Тоше – чувар на спомените“.

– Спомен куќата има посебно место во животите на сите фанови на Тоше и на едно место ќе можат да видат се што е поврзано со него – појасни Гажоска.

Фото: МИА

Изложбата на која се претставени животот и делото на Тоше почнувајќи од неговото детство до последните постхумни награди и албуми, ќе биде отворена за јавноста до 23 ноември, а проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура.