Македонската архитектура од 20 век е сеприсутната тема во сите дела, а реимагинацијата на нејзиниот контекст e главен начин за создавање нови нереални архитектонски светови

Галеријата „Пионери“ ја најавува изложбата на младата архитектка и уметница Тијана Стојковска. Тијана себеси се опишува како „млад архитект со неколкугодишно искуство, креативец во слободно време и вљубеник во македонската архитектура, особено бруталистичката“.
Нејзината изложба „Поинакви архитектонски доживувања“ ја сочинуваат дела што се последица од откривање на врската меѓу имагинативниот свет во нас и реалната перцепција за светот околу нас. Македонската архитектура од 20 век е сеприсутната тема во сите дела, а реимагинацијата на нејзиниот контекст e главен начин за создавање нови нереални архитектонски светови. Богатиот опус на архитектонски дела од наши архитекти е неисцрпен извор за нови креативни визии во дигиталната уметност, кои поттикнуваат поинакви доживувања на веќе добро познати простори. Со оттргнување на архитектурата од околниот контекст, таа се оддалечува од негативните конотации со кои е поврзана со оглед на тоа дека архитектурата е естетска и функционална експресија на својата околина, период и општество. Во делата се визуализирани повеќе различни наративи и атмосфери преку поврзување на архитектурата со природата, со небото, со водата. Со одредени контексти се прикажува поинаква утописка средина, додека со други се поттикнува размислувањето за не толку „романтична“ средина и занемарениот проблем со глобалното затоплување, кој сѐ повеќе станува неизбежен дел од нашата вистинска реалност. Во делата, архитектурата е претставена и низ надреален објектив, за да се доживува низ имагинативното око на децата. Архитектурата и просторите што ги дефинира секогаш се доживуваат субјективно, во зависност од емоциите и чувствата на тој што ги доживува.
Целта на изложбата е да создаде нова перспектива за необичноста на архитектурата од нашата „обична“ стварност и да поттикне нови начини на доживување на истата таа. Изложбата ќе биде отворена на 12 април (среда) во галеријата „Пионери“, а ќе трае во следните две недели. С.Ј.