При годинашните археолошки истражувања на локалитетот Долиште, кај Прилепец, прилепскиот Завод и Музеј откри остатоци од градба на римска бања, најверојатно јавна. Остатоците се од 3 и 4 век од римско време. Археологот Душко Темелкоски вели дека наодите се ексклузивни и укажуваат и на системот на загревање.
– Во истражувањата откривме градба од римско време, од тој град чие име сѐ уште не му го знаеме. Претпоставуваме дека можеби е Пелагонија. Ова е втора бања откриена во Прилепскиот регион, но единствена која треба да продолжи да нуди ексклузивни наоди. Првата римска бања, која била на некој богат римјанин е истражувана во 1965 година на локалитетот Пештерица. Тоа биле заштитни истражувања, зашто таму сега е акумулацијата на Прилепското езеро – објаснува Темелкоски.
На локалитетот Долиште се крие голем антички град кој егзистирал од 5-6 век пред нашата ера до 4-5 век од нашата ера. Во 2016 година беа откриени погребувања на жителите, а наредната 2017 година и остатоци од стопански објект.
Инаку, локалитетот Долиште е познат по откриените 200 сребрени монети на македонски и пејонски кралеви. За овие истражувања Министерството за култура оддели 100.000 денари. Ка.М.