На еден од најреспективните турски литературни портали „К24“, сестрано е претставена најновата книга на македонскиот автор Томислав Османли, романот „Столб што пее“. Освен тоа, најновата прозна книга на Османли доби и повеќе изразито позитивни критики и рецензии од нашите најистакнати книжевно-теоретски пера и критичари.
Една од нив неодамна е објавена во Турција на чија почва, инаку, се случува голем дел од дејствието на романот со севременски и повеќепросторен опфат. Имено, во превод од англиски на Сема Ватансевер, турска книжевна критичарка, проследен со богата графичка опрема, објавен е опсежниот осврт на нашиот писател, критичар, уредник и издавач Глигор Стојковски, насловен „За романот ’Столб што пее‘ на Томислав Османли“.
– „Столб што пее“ е комплексен роман со длабоки актуелни значења во кои се преплетуваат најразлични лични приказни проследени со миротворни филозофски, религиозни и други општествени пристапи, учења и догми… изразувајќи ги трагичните разлики меѓу нив и самата деструктивна суштина на човековата историја – стои во освртот.