Почнува „Браќа Манаки“
Годинава фестивалот „Браќа Манаки“, кој се отвора вечерва во Битола, како што најавија организаторите, ќе биде пообемен и со гости и со програма во однос на минатогодишното издание. На отворањето доаѓа Ентони Дод Ментл, добитникот на „златната камера 300“ за животно дело, кој е добитник на „оскар“, на БАФТА и на многу други награди, а на крајот на фестивалот ќе пристигне и една од легендите на кинематографијата, Џон Метисон.
Ќе бидат прикажани над шеесет филма, ќе има три жирија со исклучително реномирани личности што ќе одлучуваат за селектираните филмови во долгометражната програма, краткометражните филмови, документарната програма и студентската програма. Жирито за долгометражната програмата го сочинуваат: Жан Мари Дрожу, Самир Љума, Мелиса Созен, Маја Богојевиќ и Јелена Станковиќ, а во селекцијата на студентската програма за најдобар филм ќе одлучат: Срѓан Ковачевиќ, Митко Панов и Фејми Даут.
Слаѓан Пенев втора година по ред е селектор на главната натпреварувачка програма.
– Имаме 14 филма со силен авторски печат и визуелна естетика. Самиот збор фестивал значи славење, ние го славиме филмот. Филмот за отворање е „Мајка и син“, 2022, француски филм во режија на Леонор Сераије, директорка на фотографијата е Елен Лувар. Премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2022 година, каде што главниот сценограф ја доби наградата за млад филмски техничар. Иако најавивме дека фестивалот ќе се отвори со филмот „Божјата рака“ на Сорентино, имајќи предвид дека „Нетфликс“ е одговорен за дистрибуција на овој филм и веќе филмот може да се види на „Нетфликс“, се согласивме да го ставиме следниот ден. А бидејќи директорката на фотографија Дарија Д‘Антонио ќе биде во Битола и ќе одржи мастерклас, решивме да го прикажеме „Мајка и син“, кој е одличен филм и заслужува да се види. Ова е прва соработка на режисерката Сераије со искусната кинематограферка Хелен Лувар, а ќе биде петти филм на Лувар што се прикажува во главната програма на „Браќа Манаки“. Елен Лувар е една од најпознатите кинематограферки на денешницата, со импресивна филмографија од околу сто наслови, меѓу кои и филмови режирани од Агнес Варда, Алис Рорвахер, Вим Вендерс, Клер Дени, Меги Гиленхал – вели Слаѓан Пенев, селектор на главната натпреварувачка програма.
Програмскиот концепт на натпреварувачката документарна програма се води од неколку начела, од кои најзначајни се општествената одговорност и ангажман, креативната храброст и посебноста на ликовниот филмски израз, односно иновативноста во кинематографскиот пристап.
– Програмата ќе претстави девет филмски остварувања од целиот свет – Европа, Јужна Америка, Блискиот Исток, како и од нашиот регион, а кои ги обединуваат актуелни социјални, еколошки, економски, политички и културни теми. Заедничко за сите филмски дела е што преку специфичниот филмски израз кинематограферите на селектираните филмови исклучително креативно успеваат да ни го отворат светот на доку-фикцијата и хибридните доку-фиктивни форми. Програмата почнува со „Музеј на револуцијата“ на Срѓан Кеца, автор и кинематографер што доаѓа од Србија, а кој последните пет години предава документарен филм на Филмската школа во Станфорд – истакна Новакова.
Сите проекции на филмовите од документарната програма ќе бидат во историското кино „Манаки“.
Во студентската програма се селектирани филмови од Државниот универзитет во Тетово и од ФДУ – Скопје, Академијата од Љубљана, универзитетот „Хасан Приштина“ од Косово, од Универзитетот во Солун, Академијата од Загреб, Чешката академија за филм, Универзитетот за телевизија и филм во Минхен, потоа Лондон филм скул, академии од Мадрид, од Виена, од Украина, Полска и од Турција. Селекторот Ѓорги Пулевски ги претстави филмовите и изрази задоволство што годинава има голем интерес за оваа програма што има тенденција да се проширува низ годините.
Подготвил: Даниел Варбанов