Програмата на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на оркестарот на операта на Српскиот народен театар од Нови Сад, Србија под диригентската палка на Аргентинецот Луис Горелик. Солист на вечерта ќе биде сопранот Марија Јелиќ.
Концертот ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.
Оркестарот на операта на Српскиот народен театар во Нови Сад е основан на 16 ноември 1947 година и оттогаш е главен чинител на секоја оперска изведба. Високото професионално ниво на ансамблот се постигнува со постојана професионална надградба на неговите членови преку учеството во други оркестри. Денес оркестарот на операта брои 75 музичари, а заедно со хорот и солистите на операта изведува дела од „железниот“ оперски репертоар, но и мјузикли, оперети, хорска музика, како и симфониски концерти.
Сопранот Марија Јелиќ е родена во Белград и кариерата ја започнува како член на оперското студио во Националниот театар во Белград каде настапува во епизодни и главни улоги.
Нејзините настапи во оваа куќа ги вклучуваат улогите на Мими во „Боеми“, Микаела во „Кармен“, Елизабета во „Дон Карлос“ како и главната ролја во „Аида“. На концертната сцена настапува со оркестарот „Станислав Бинички“ во Белград, а настапува и на значајни фестивали во регионот како „Белградскиот летен фестивал“, „Охридско лето“, летниот фестивал во Љубљана, но и на оперскиот фестивал во Ерусалим. Минатата година во Белград настапи со Пласидо Доминго на гала концерт, а истата година во Хрватска настапува со Симфонискиот оркестар на Дубровник со светски познатиот диригент и тенор Хозе Кура. Серијата успешни настапи во 2021 година ја заокружува со гала оперскиот концерт во Националната опера во Баку, Азербејџан и со солистичкиот настап во престижниот Карнеги Хол во Њујорк во пијано придружба на Антони Маноли.
Диригентот Луис Горелик е роден во Ла Плата, Аргентина, а на само 22-годишна возраст е назначен за шеф-диригент на Филхармонискиот оркестар во Мендоза. Во 1991 станува постојан диригент на симфонискиот оркестар во Хаифа, Израел, а само една година подоцна е поканет да диригира со престижната Израелска филхармонија. Бил шеф диригент на „Ашдод“ камерниот оркестар (1995-1999), Симфонискиот оркестар во Консепсион во Чиле (2000-2006), Симфонискиот оркестар во Салта (2007-2010). Луис Горелик станува шеф-диригент на Аргентинскиот национален оркестар (2016-2018), а моментно, 13 сезона е музички директор на Симфонискиот оркестар „Ентре Риос“.
По завршувањето на студиите во класата на Менди Родан на Академијата „Рубин“ во Ерусалим, Луис Горелик е чест гостин на повеќе оркестри ширум светот вклучувајќи ја
Израелската филхармонија, Словенечката филхармонија, Оркестарот на Словенечката опера, Исландската филхармонија, Филхармонијата на Буенос Аирес, Оркестарот на РТС во Србија, оркестарот на театарот „Колон“, националните филхармонии во Македонија, Чиле, Мексико, Колумбија, Куба, Бразил и многу други. На светските оперски сцени диригира мноштво оперски продукции, се профилира и како балетски диригент настапувајќи со познатиот „Бежар“ Балет во Лозана, а диригира балети и во Гдањск и Театарот „Колон“ во Аргентина. Со симфонискиот оркестар во Салта реализира две цд-а за Сони Мјузик со најпопуларните дела од аргентинската класична музика. Добитник е на награда од Претседателот на Чиле, како и на наградата „Конекс“ за најдобар диригент на деценијата во Аргентина. Педагошката активност ја реализира како професор по оркестарско диригирање на Националниот универзитет за уметности во Буенос Аирес.