Драмската програма на годинешното 62 издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворена со премиера на театарската претстава „ „Секс, лаги и љубомора“ од Марк
Камолети, во режија на Коле Ангеловски, а во изведба на Народниот театар Охрид.
Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ вечерва со почеток во 21 часот. Улогите ги играат актерите Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ-Тодороска, Елизабета Стефановска,Билјана Билаловиќ – Вељаноска и Марија Новак.
– Ова е втор од проектите од драмската дејност на Центарот за култура „Григор Прличев“ и Народниот театар Охрид, одобрени од страна на Министерството за култура. Претходно ја реализиравме театарската претстава „Енергични луѓе“ од Александар Ивановски, а имаме уште една претстава, „Село на вампири“ од Ѓорѓи Ризески. Конкретно за претставата „Секс, лаги и љубомора“, ја работевме околу два месеца.Актерите се во исчекување да ја одиграат, а верувам дека и публиката ќе биде задоволна. Има голем интерес за вечерашната премиера и претставата по завршувањето на летниот период ќе биде ставена на редовниот репертоар на Народниот театар Охрид, вели директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“, Горан Симоновски.
Дејствието се случува во зграда, во стан модерно наместен со прекрасен поглед на градот, со убаво креирана костимографија, современа и елегантна. Несуден диригент на оваа лакрдија е куќната помошничка, која е постојано на сцената и со многу импровизации се обидува да ги оправда нештата кои се случуваат околу неа. Ова е претстава за љубовта, прељубата, за вербата и надежта. За ведрата страна на животот, за оние мали искри во секој од нас.
Режисерот Коле Ангеловски е роден во Скопје 1943 година. Дипломирал Академија за филм и театар во Белград. Целиот свој работен век го поминал во Драмски театар Скопје. Има одиграно бројни театарски улоги на матичната сцена но повеќето главни улоги ги има одиграно во филмови и серии во поранешна Југославија. Како режисер во Македонија има режирано повеќе од 100 театарски претстави и е еден од најгледаните македонски режисери.
Пијано дуетот „АнАнтонио“ вечерва ќе музицира на „Охридско лето“
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе донесе концерт на словенечкото пијано дуо „АнАнтонио“. „АнАнтонио“ пијано – дуетот го сочинуваат пијанистите Ана Јосимовска Кањацо и Антонио Кањацо. Двајцата признати музичари со македонско и италијанско потекло кои живеат и творат во Љубљана, Словенија.
Нивниот врвен пијанистички израз е обликуван од различните културни средини и познатите музички институции како што се: Музичката академија во Љубљана, Академијата „Санта Чечилија“ во Бергамо, Академијата „Анџелика Константинијана“ во Рим, Музичката академија во Пескара и преку соработката со извонредни музичари меѓу кои: Константин Богино, Дубравка Томчиш – Среботњак, Рита Трпчева – Поповиќ, Маријаграција Лиои, Карола Гриндеа, Ноел Флорес, Александар Сердар, Марина Хорак, Михаил Воскресенски, Алдо Чиколини, Бруно Ригуто, Марчела Крудели. Како солисти и камерни музичари се добитници на многу награди од меѓународни натпревари и настапувале со Националаната филхармонија на Mакедонија, Словенечката филхармонија, Оркестарот на музичката академија од Пескара, Младинскиот оркестар од Мартиненго, оркестарот на меѓународниот фестивал во Чиогија, на фестивалот „Охридско лето“, на „Коларац“ во Белград, во Народниот музеј во Софија, на „Камерфест“ во Приштина, во театарот „Паисиело“ во Лече, салата „Пјати“ во Бергамо, во театарот „Марчело“ во Рим, на Словенскиот конзерваториум во Париз, во „Готеанум“ во Дорнах, во „Мајкл Хол“ во Лондон, на Музичката академија во Осло…
И двајцата пијанисти предаваат во Валдорфското музичко училиште во Љубљана. Успешно ги здружуваат концертната и педагошката дејност. Имаат концерти и семинари во организација на музичките училишта во Словенија и концертни предавања преку ЕПТА – Словенија и Италија.
Нивниот репертоар опфаќа дела за соло пијано, пијано дует и за две пијана од Јохан Себастијан Бах до делата на Шчедрин и Куртаг. Во 2014 година дуетот го издаде својот прв компакт диск со наслов „Тарантела“ на кој се поместени солистички и камерни дела.