Триесет и третото издание на ликовната колонија „Галичник“ ќе се одржува од 21 до 28 август во прекрасниот Галичник. Колонијата ја потврдува својата тенденција на имплементацијата на предностите на новата ера во античкиот амбиент на Галичник, како додавање ново ткиво во организам со дефинирана стратиграфија.
Годинашни учесници се: Марта Стисјак – Полска, Правдолуб Иванов – Бугарија, Ласе Лоренцен – Данска, Зоран Тодоровиќ – Србија, Валентин Стефаноф – Бугарија, Нина Ковачева – Бугарија, Игор Сековски – Македонија, Славица Јанешлиева – Македонија и Гоце Наневски – Македонија.
– Хабитусот помеѓу старото и новото се издигнува во синтеза, синергија, надградба, современост со нагласен културен предзнак. Постојаните мешања и меѓунационалниот белег, македонската гордост: културата на нашата земја и меѓународниот дух и културата на другите, различните; односот меѓу историјата, природата, фолклорот и традицијата со современата и урбана анемија на постмодерната уметност, ја формираат и дефинираат ликовната колонија како специфика не само на национален туку и на регионален план. Квалитативниот императив е структурен елемент во систематската формална поставеност на оваа важна манифестација, а таа е потврдена со високото позиционирање на колонијата. Несебичната посветеност и ентузијазам во име на продолжување на долгогодишната културна традиција на селото Галичник и реканскиот крај и во име на квалитетната нововременска уметност воопшто и, секако, аспектот на размена на искуства и знаења и човечки ресурси се главните постулати на колонијата – пишуваат организаторите.
Секоја година колонијата има тема, а оваа година фокусот е ставен на одржливоста, како многу популарна, но истовремено и многу проблематична именка во современите уметности.
– Зошто е ова важно за глобалниот процес на (еколошката) менталната трансформација кон поодржливи општества? Специфичните уметнички практики, како што е еколошката уметност, и секојдневните практики, како што е пешачењето, ја илустрираат релевантноста на естетиката на одржливоста. Поимот „неодржливост“ ги карактеризира повеќедимензионалните аспекти на современата глобална цивилизациска криза. Повеќето автори што пишуваат за оваа криза ги истакнуваат нејзините еколошки, социјални и економски параметри. Помалку автори разговараат за неговите културни димензии. Одржливоста, сфатена како процес на пребарување, треба да се однесува на сите димензии на неодржливоста, вклучувајќи ја и нејзината културна димензија – соопштуваат од „Арт колони Галичник“.