Текстуални инсталации поставени во пет државни институции
Во јануари 2024 година, неформалното здружение за култура „Дума ин Сума“, составено од компаратистките Ивана Смилевска, Марија Бошковска и визуелниот уметник Дарко Алексовски, ја одржа работилницата за креативно пишување со млади „Неименувана“. Здружението и десет учеснички решија да напишат нови бајки и свои (среќни) краеви. Се изучуваа развојот на бајките низ векови и територии, симболизмот, мимовите, дигиталните вештини и не толку познатата македонска историја. Од работилницата произлегоа пет современи бајки посветени на македонски хероини, и тоа: Вера Јоциќ, Мимоза Несторова-Томиќ, Мара Нацева-Анка, Билјана Гарванлиева и Веселинка Малинска.
„Дума ин сума“ ги постави текстуалните инсталации во пет државни институции, соодветни според дејствувањето на секоја од хероините.
– Промената понекогаш се перцепира како бајка, иако сите потајно мечтаат за среќен крај. Но, за среќен крај, потребни се многу труд, тон имагинација и отвореност за нови знаења. Во време кога постојано се зборува за недостиг од критичко размислување кај младите, несоодветни образовни политики и генерациски препукувања за „незапознаеноста со нашето“, се одлучивме за „бајковидна промена“ – велат авторките.
Текстуалната инсталација посветена на Вера Јоциќ се наоѓа во ОУ „Вера Јоциќ“ – Скопје, а инсталацијата за Мара Нацева-Анка го краси НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Текстуалната инсталација посветена на Веселинка Малинска, уредничката на списанието „Македонка“ – орган на АФЖ и прва печатена публикација уредувана од жени и посветена на проблемите на жените во Македонија, е поставена во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“. Инсталацијата за архитектката Мимоза Несторова-Томиќ може да се погледне во Музејот на Македонија, наедно една од сѐ уште постојните градби на Томиќ во Скопје. Текстуалната инсталација во спомен на режисерката Билјана Гарванлиева е поставена во Кинотеката на Македонија.
Инсталациите комуницираат со љубопитните минувачи и посетители преку кјуар-кодови што водат до целосните верзии на современите бајки.
Претходно, на 17 април, се одржа изложба во културниот центар „Јадро“, на која беа претставени петте текстуални инсталации, а учесничките на работилницата ги прочитаа своите бајки пред посетителите. Бајките продолжија да се споделуваат преку фанзини изработени од Алексовски, а се достапни и онлајн на веб-страницата на „Дума ин Сума“.
– Идејата зад работилницата и изложбата е популаризацијата на активностите вршени од македонските хероини низ историјата, кои иако еднакво важни, не се еднакво застапени во формалното образование – велат организаторите. В.Д.