Неодамна се појави преводот на романот за тинејџери „Распарчени“ на реномираната норвешка писателка Хилде Миклебуст, во издание на „Бата прес“ и во превод на Искра Бадева. Објавувањето на книгата е поддржано од Европската Унија и од Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“, оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“, објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори.
„Распарчени“ е живописен роман за пријателството, за тоа како е можно истовремено да се биде среќен и тажен кога нешто навистина чудесно и нешто навистина ужасно ќе се случат истовремено. За Миа и за нејзините училишни другари започнува летниот распуст. Долго време ќе бидат слободни. Но наскоро ќе треба да почнат во средно училиште и секој по својот пат: ќе бидат разделени во различни насоки. Сепак тие го имаа ова лето за да бидат заедно, овде и сега. За време на распустот, Миа и Аре се зближуваат на некој нов чуден начин и тешко е да се каже дали е тоа другарство или љубов. Штом пристигна есента, Миа се пресели во интернат. Таа блеска во новата средина на музички план и се впушта во нов средношколски живот исполнет со концерти, забави, животот во интернатот и нови пријатели. Потоа Аре се разболува…
Интимна приказна исполнета со силни емоции.
Авторката Хилде Миклебуст е родена во 1979 година во Норвешка. Таа е една од најреномираните и една од најважните современи авторки во Норвешка. Студирала литература и драмска уметност на Универзитетот во Берген. Во мај 2020 година ја доби наградата „Диктартавла“, која им се дава на млади норвешки поети. Миклебуст има напишано три збирки поезија, кои добија високи оценки од книжевните критичари. Исто така има објавено сликовници од кои најпозната е „Илва и дивите кози“ во 2020 година. Беше номинирана за наградата „Браге“ во 2022 година. Романот „Распарчени“ е нејзиниот прв роман за тинејџери и беше во потесен избор за познатата светска награда „Бели гаврани“ во 2023 година.