По успешните мјузикли „Чикаго”, „Мама миа” и „Боливуд” во кои македонската публика уживаше изминатите години, а по двегодишна пауза во која светот застана, Наташа Поплавска на публиката повторно ќе и понуди музичко сценско уживање во нова приказна напишана во соработка со Ристо Вртев. Овој пат на сцената на Националната Опера и Балет, Поплавска, заедно со својот долгогодишен соработник, кореографот Олга Панго поставуваат ново кабаре, наречено „Животот е…” кое премиерно ќе се изведе утре (30 декември) во Националната Опера и Балет, со почеток во 20 часот.
Репризната изведба на „Животот е…” е закажана за 19 февруари в година. Во ова патешествие им се придружуваат маестралните визулени уметници, видео дизјанерот Дејан Матиќ, светло дизајнерот Милчо Александров и костимографот Александар Ношпал кој ќе ја создадат сценската магија заедно со балетските солисти од Националниот Балет и познатата џез артистка Марија Димитријевиќ. Низ животната приказна на кабаретската ѕвезда Сали Боулс преку случките од некогашниот Берлински Кит Кет кабаре клуб ја следиме трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност. Џез звуците на познатите Нат Кинг Кол и Џон Кандер преминуваат во електронските поп звуци на пионерите на електронската музика Крафтверк.
Во претставата играат: Иван Вртев , Андру Кук (к.г. Велика Британија), Дафина Данилоска – Кочевска, Маја Митровска – Богојевска, Биби Басмаџиева – Ковачевски, Анела Велевска, Ангела Богатинова , Сарина Стојановска, Михаела Перевска и Мартина Аврамовска. Претставата е во продукција на Здружението за развивање на уметност и културна соработка АРТ МЕДИА во соработка со Националната Опера и Балет, а подржано од Министерството за култура на Република Северена Македонија.
Билетите се во продажба преку мрежата на мк.тикетс.