Самостојна изложба на Мирослав Масин ќе се отвори утре, во 13 часот, во галеријата „Ел греко“. Најновиот циклус на птици се одликува со едноставност, црно-бел цртеж, репетитивен систем на пристап кон тематот, но различна „акцијата“ на линеарно обликуванaта птица.
– Трансформациите, асоцијациите и симболиката на ликовните елементи и концепцијата прават композицијата во делата на Масин да биде динамична, концентрирана, надреална, експлозивна, забавна, потсмевлива, цинична. Овој пат внимавајте, не летаат пердуви, „паѓаат јајца на око“ – се вели во најавата.
Мирослав Масин ја започнува уметничката кариера под влијание од експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, за кои, иако различни во пристапот, вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудитство. Уште од најраните уметнички инспирации се следат анималните тематики, а пред сѐ птиците, кои се провлекуваат низ целиот негов опус. Тие се мотив и за последната негова голема изложба во МАНУ, во 2019 година, „Подобро на гранка, одошто заглавен во лифт“, проследена со слоганот „Ќе летаат пердуви“, а се актуелни и во неговиот последен циклус на цртежи, кој рецентно се изложува во галеријата „Ел греко“.
– Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции. Вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е и заситената, интензивна и експресивна боја, која во овој циклус го нема приматот. Тука, таа е само монохроматски присутна, во еден тон, кој дава колористички акцент и симболична асоцијативност – велат од галеријата.