„Папокот на светлината“, Венко Андоновски
„Папокот на светлината“ се надоврзува, но не го продолжува „Папокот на светот“. „Јан Лудвиг, протагонистот што во ’Папокот на светот’ трагаше по папокот на светот (љубов кон жената), сега е во потрага по папокот на светлината. Заедно со другите ликови, тој се обидува да открие каде се раѓа онаа светлина што ја просветлува душата, наспроти оние што се задоволуваат да му бидат облека на ѓаволот“.
„Писмо за Глорија“, Живко Грозданоски
Зошто да не се фрли и тој главечки во убедувањето дека може да се развие и едно неексклузивно разбирање за припаѓањето, да се погледне од другата страна на дурбинот, да се размислува за севдоменост, а неговиот дом да биде секаде каде што ќе го насети присуството на Глорија? „Да се вдоми.“ Што ако „се вдоми“ е противречен глагол, чии суптилни синоними се „се самопровинцијализира“, „старее“, „умира“? Домот ризикува да стане комфор, а комфорот секогаш значи смрт. Тоа е бруталната вистина, веројатно: или ќе го пронајдеш својот егзил или ќе тонеш во дом – во зачмаена провинција.
„Прозорецот“, Јордан Коцевски
Трилер-романот отвора повеќе прашања. Новинарот Мите е решен по секоја цена да ја открие мистеријата зад „човекот од прозорецот“, иако не е свесен што сè ќе треба да жртвува за да го направи тоа. Додека тој е посветен на истрагата на феноменот, неговата пријателка Катерина и неговиот татко Лазар бараат начин да му помогнат и да ја разоткријат тајната организација што се обидува да го спречи Мите, пред да успеат во тоа членовите од организацијата, се вели во краткиот опис за книгата.
„Естом“, Николина Андонова Шопова
Романот „Естом“ е книга во која Николина Андова Шопова продолжува да истражува некои од темите што се карактеристични за нејзиното творештво: необичните човечки судбини, судбините на чудаци што се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, чувството дека човековиот живот се состои од мигови што не можат целосно и докрај да се објаснат. Таков „чудак“ што живее според сопствени правила е и главниот лик во романот „Естом“ – пантомимичарот Олег.
„Век со Конески, мигови со Блаже“, Владимир Мартиновски
Збирката есеи „Век со Конески, мигови со Блаже“ од Владимир Мартиновски е значаен влог во компаративното проучување и толкување на поезијата на Блаже Конески. Водејќи грижа и за теориските ставови на Конески, изнесени во неговите есеи, авторот Мартиновски врз анализата на поетскиот опус на доајенот на современата македонска поезија ги применил трите основни модели на компаративистичките истражувања, поставени од еминентниот компаративист Зоран Константиновиќ: генетско-контактните врски; типолошките аналогии и интердисциплинарните поврзувања.
„Двојна експозиција“, Игор Анѓелков
Збирката „Двојна експозиција“ содржи 12 раскази дуално распоредени во шест целини, а нивната содржина го опфаќа целото човеково постоење.
Расказите во „Двојна експозиција“ се непретенциозни во пристапот, барем навидум во насока на кроткоста и обичноста на неговото писмо, сфатени како врвен комплимент од блажеконески тип, без оглед на тоа дека нарацијата всушност често крие комплексни и повеќеслојни нијанси. Во фокусот на секоја од приказните лежи едно централно животно прашање, типично за возраста и биолошко-социолошката фаза на ликовите што се портретираат.