Интервју на Томислав Османли во белградски „Нови магазин“

Под насловот „Иднината не се досегнува со движење во круг“, најновиот број на угледниот неделник „Нови магазин“ од Белград објавува опсежен разговор со писателот Томислав Османли. Повод за разговорот, кој со македонскиот автор го води реномираната новинарка, уредничка, преведувачка и книжевна критичарка Анѓелка Цвијиќ, е објавата на неговата книга насловена „Пат во рајот“. Станува збор за книга со три драмски текста со теми меѓу војната и надежта, кои според изборот и предлогот од авторот, на српски јазик ги преведе Александар Турунџиќ, а ги објави новосадски „Прометеј“.
Во интервјуто авторката го претставува Османли како писател, сценарист, драматург, теоретичар на медиумите и есеист, кој припаѓа на врвот на современата македонска литература и е еден од најпреведуваните и меѓународно признаени писатели. Османли и во ова интервју донесува изострен критички пристап во оцената на локалната и глобалната современост и ја споредува со квалитетните вредности досегнати во поблиското, поавангардно минато.
Македонскиот писател говори за спомнатите димензии на времето минато и сегашно, за новите трагедии на несреќно глобализираниот свет, жестоките воинствените времиња што траат во новово столетие чија прва четвртина трауматично се доистрошува, за падот на голем број од вредностите при долгиот транзициски пат и за странпатиците при кои наместо на станицата на едно респективно граѓанско општество да се најдеме поттурнувани на споредниот колосек во своевиден хаос на историјата, а светот пред егзистенцијален крстопат… Новата реалност, смета Османли, политички ги изневерува основните социјални, морални и филантропски вредности.

– Исилениот оптимизам е пропагандно лице на „новата реалност“, како што денес се нарекува овој симулакрум составен од подметнувања политички успешности, лицемерство, козметика, меркантилизам и влијание, индустрија за убавина, продажби на имиџи, рецепти за здрав живот и добар изглед, овој ботоксиран мас-медиумски мираж зад кој се крие вистинското лице на потрошувачкото општество на конзорциумите во кој по пат на оптимизам се продава масовната илузија за здравјето и радоста, а најмногу распределбата на моќта со масовна продажба на идеологијата на среќата и во крајна линија – преку потрошувачкото дефокусирање на масовните гледалишта и преку затапувањето на критичката мисла. Со овие прашања, инаку, се занимавам во мојата последна книга, романот со наслов „Заборав“, кој зборува за Алцхајмеровата болест на присилното заборавање на автентичните вредности врз кои – и според менталитетот, и социјалните вредности, а особено според урбаната генерациска свест, ние, барем, бевме воспитувани – вели Османли.
Според него, поради тоа се моделира една злокобна современост, историја на манипулации, закани, кршења на меѓународното право и човечките и граѓански права, свет во кој моќните ги газат меѓународното право и суверенитетот на помалите држави и го користат аргументот на силата.