Документарниот филм „Приказната за Силјан“, откупен за глобална дистрибуција од „Нејшнал џиографик докјументари филмс“ (National Geographic Documentary Films), продолжува да го зацврстува својот меѓународен успех. Филмот, во режија и продукција на Тамара Котевска заедно со директорот на фотографија и продуцентот Жан Дакар, доби уште едно од најзначајните признанија – номинација за Наградите на Здружението на продуцентите во Америка (Producers Guild of America – ПГА) во категоријата „Исклучителен продуцент на документарен филм (Outstanding Producer of Documentary Motion Pictures).
„Ова признание има особена тежина затоа што „ПГА“ наградува автори кои преземаат повеќе функции во создавањето на филмот и се изложуваат на големи и често натчовечки напори за да реализираат автентично документарно дело. Во документарниот свет, каде што авторите често се и режисери и продуценти и сниматели и истражувачи и теренски координатори – ваквото признание е потврда за нивната целосна посветеност“, се вели во соопштението.
Околу создавањето на „Приказната за Силјан“ – филмот е резултат на три години снимање во екстремни услови, живот на терен, спиење на депонии во прилагодено комбе за живеење, денови и ноќи минати со протагонистите и локалните заедници, долги периоди на чекање на штрковите и нивните миграции и работа без формален буџет или традиционална продукциска инфраструктура. Во тој процес ПГА ја препозна издржливоста, креативната храброст и пожртвуваноста на Тамара Котевска и Жан Дакар, кои ја носеа тежината на филмот во секоја негова фаза. Тие се пример за филм создаден во целост од авторите (total filmmaking), каде што креативната визија, продукциската организација и физичката работа се спојуваат во единствен авторски потпис.
-Оваа номинација за награда можат вистински да ја разберат само оние кои навистина го живеат филмот. За нас ова признание е за сите денови, ноќи, жртви и години посветени на оваа приказна, за животот на терен, за довербата што ни ја дадоа протагонистите и за моментите кога камерата престана да биде камера и стана дел од светот што го снимавме – велат Тамара Котевска и Жан Дакар во заедничка изјава.
Процесот на снимање не бил само технички предизвик, туку и длабоко човечко вкоренување во средината што ја документираат. Со месеци поминати со протагонистите, следејќи го нивниот живот и ретката врска со белите штркови, камерата постепено престанала да биде забележлива. И луѓето и штрковите природно се навикнале на нејзиното присуство, прифаќајќи ја како дел од секојдневието. Овој ненаметлив пристап, изграден врз доверба, време и човечка близина, е препознатливиот печат што Котевска и Дакар го оставаат во своите документарни филмови, овозможувајќи приказните да се развиваат органски и искрено.
Филмот веќе се вброи меѓу најрелевантните документарни остварувања на годината по освоените две награди на IDA Documentary Awards за најдобар документарен филм и најдобра камера, како и по премиерите на најголемите светски фестивали, меѓу кои Венеција и Торонто, и бројните проекции низ САД, Канада и наскоро во Британија.
ПГА наградите се и еден од најсилните показатели во трката за „Оскар“, бидејќи нивните номинирани и добитници редовно се појавуваат и во крајниот избор за највисоката филмска награда.




































