Викендов заврши „Охридско лето“
Директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, е задоволна на крајот од 40-те фестивалски денови, во кои се реализира уште едно успешно „Охридско лето“. По повод затворањето на годинешното 62. издание на фестивалот, со театарската претстава „Вујко Вања“ на Античкиот театар во Охрид, таа кажа дека и годинава можеа да се видат големи музички ѕвезди, врвни театарски претстави, премиери, настани за кои се бараше карта повеќе, но и гости од целиот свет.
– Бевме сцена на која се прикажаа многу новитети во третманот на уметноста, во новите естетики, во новите видувања на уметничките дела. Врвни светски уметници настапија и на вечерите организирани со поддршка на амбасадите од кои ги добивме и најголемите пофалби за беспрекорната организација. Реализиравме фестивалско издание што ги задоволи вкусовите и на најпребирливата публика. На сцените на Античкиот театар, црквата „Св. Софија“, предворјето на „Св. Софија“, Долни сарај и Центарот за култура се одржаа 36 концерти, девет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма. Настани што беа проследени од над 20-илјадна публика, која уживаше во секоја вечер – рече Поповиќ.
Директорката нагласи дека „Охридско лето“ годинава пречека над 1.000 уметници од 25 земји од светот.
– Позитивната критика и задоволството што го искажаа уметниците за беспрекорната организација нѐ прават горди, но и нѐ обврзува секоја следна година да ги подобруваме условите за нивниот настап. Во таа насока, веднаш по завршувањето на ова „Охридско лето“, започнуваме со подготовка на програмата за 63-то издание, за кое можам да најавам многу новини, многу славни имиња, а веќе се договорени и неколку копродукциски проекти. Ваквата соработка ќе овозможи и наше подобро претставување на светската културна сцена – додаде Поповиќ, изразувајќи огромна благодарност до тимот на фестивалот, кој, според неа, професионално го сработи годинешното издание, како и до селекторките на музичката и на драмската програма, Бисера Чадловска и Сања Арсовска.