Платформата „За тебе“ организира настап на меѓународно познатиот „Хрватски гитарски квартет“ во Скопјe, утре, во 20.30 часот, на големата сцена во Македонската филхармонија. „Хрватски гитарски квартет“ е во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.
Новооформената платформа „За тебе“ се залага во континуитет да промовира атрактивна, пред сѐ, музичка културна содржина и меѓународни гостувања на светски и регионални докажани музички артисти.
Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста. Недвосмислено, жената како гласот на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста – жената како борец, хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени.
На програмата ќе бидат изведени дела од: Луиџи Бокерини, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Рафет Руди, Мирослав Милетиќ, Гордан Тудор, Сергеј Прокофјев и Зоран Јураниќ.
Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено голем број турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка, вклучувајќи и неколку премиерни изведби на дела од композитори како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар. Тие ја добија наградата „Орландо“ на Хрватската радио-телевизија за нивниот концерт на фестивалот „Дубровничко лето“ во 2017 година. Од 2020 година овој ансамбл настапува под името „Хрватски гитарски квартет“, а истата година го објави и албумот „Guitarrismo“ за „Кроација рекордс“, кој доби две номинации за „Порин“. Во 2022 година го објави албумот под името „Багатели за домашна употреба“ („Кантус“). „Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.
Загрепскиот гитарист Зоран Дукиќ се образовал на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а се доусовршил на Универзитетот за музика и танц во Келн. Дукиќ е еден од најнаградуваните хрватски гитаристи во светот.
Петрит Чеку е роден во Призрен, Косово, дипломирал на Музичката академија во Загреб и ги продолжил студиите во Балтимор, САД, на конзерваториумот „Пибоди“. Предава камерна музика за гитара на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Има изведувано рецитали низ целиот свет и бил солист со симфониски оркестри како Балтиморската симфонија, Калгариската филхармонија, Чешката камерна филхармонија, Теџонската филхармонија, државниот оркестар „Ермитаж“ од Санкт Петербург, Панонската филхармонија и Загрепската филхармонија.
Марое Брчиќ е роден во Дубровник, Хрватска, каде што живее и денес. Дипломец е на Музичката академија при Универзитетот во Загреб. Предава гитара на Уметничката академија при Универзитетот во Сплит. Брчиќ речиси 30 години настапува на концертните сцени како солист, како член на камерни состави и како солист со оркестарска придружба.
Твртко Сариќ е роден во Госпиќ, Хрватска. Завршил на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а на музичката академија „Ино Мирковиќ“ во Ловран завршил едногодишна специјализација. Имал концерти низ Словенија, Австрија, Италија, Германија, Полска, Босна и Херцеговина, Мексико и САД. Тој е доцент на Одделот за наставнички студии при Универзитетот во Задар, а предава и на музичкото училиште во Чрномељ. Во 2012 година го основал хорот „Дегенија“. Во 2017 година бил награден со ректоровата награда на Универзитетот во Задар за извонредни достигнувања во уметничката работа и управувањето со хорот.