Македонскиот режисер Вардан Тозија ја освои главната награда за најдобра режија во интернационална конкуренција на најголемиот жанровски филмски фестивал во Јужна Америка, „Фантаспоа“, чие јубилејно 20-то издание се одржа во Порто Алегре, Бразил, и е единствениот фестивал од Јужна Америка што е дел од престижната Мелиес – Европска филмска федерација на фантастични филмови, организација што ги обединува најзначајните 22 жанровски филмски фестивали во светот.
Силвија Каминер, членка на интернационалното жири на „Фантаспоа“, го опиша филмот „М“ како „прекрасна и прогонувачка приказна во која Тозија внесува нов живот во зомби-жанрот, преку чудесен визуелен израз и исклучителна актерска изведба на двете мали ѕвезди“. Филмот беше дел од интернационалната селекција, составена од 24 филма од целиот свет, во најголем дел со свои светски и континентални премиери. По успехот на овој македонски филм се очекува широка дистрибуција низ земјите на Јужна Америка.
На годинашното издание на еден од најстарите филмски фестивали во Хјустон, САД, македонскиот филм ја доби наградата „златно реми“ во огромна конкуренција од над 4.000 филма. Фестивалот во Хјустон низ својата петдецениска историја промовирал голем број прославени филмски имиња на американската и меѓународната сцена. Во последните години, фестивалот има ревијален карактер, при што доделува голем број награди во десет одделни категории во рамките на светската кинематографија.